ТЕСТ: Fiat Grande Panda Hybrid La Prima – Рецепт за добро расположение! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Fiat Grande Panda Hybrid La Prima – Рецепт за добро расположение!

Кога станува збор за малите автомобили, италијаните се без конкуренција – а новата Grande Panda внесува многу свежина и неопходен фраерлук во сегментот.

Историјата на Panda е интересна и шаренолика. Од мал практичен и достапен автомобил за широките народни маси, прерасна во мал, практичен и достапен автомобил кој стана стана икона и надмина други автомобили кои се многу поголеми и многу (многу!) поскапи. Ви текнува на Давид против Голијат?

Која ни е всушност поентата? Па Panda секогаш била во некој свој свет. Изолирана од непотребно-наметнати трендови и мижи-асан-да-ти-баам приказни за некаков статус, со самиот факт дека никогаш не можеше да биде ставена во некакви рамки, Panda се наметна како култен автомобил кој едноставно не може да биде имитиран.

И имајќи ја предвид историјата на Panda, прашањето кое треба да го поставиме (и се надеваме – и да го одговориме) е дали Grande Panda е всушност четврта генерација на Panda, или пак сосем нов автомобил, во сосем нов сегмент?

Ние сме некако во првиот „табор“. Да, Fiat сè уште ја произведува минатата Panda (под името Pandina), но Grande Panda е логичен и директен наследник. Во ред, во ред, името сугерира дека Grande Panda е поголема (и очигледно е), но истовремено се препознава благородната лоза на Panda низ годините.

Едноставно – погледнете ја Grande Panda!

А за препознавање не треба многу. Едноставно – погледнете ја Grande Panda. Формата оддава почит на оригиналната Panda од пред (верувале или не) 45 години. „Коцкастата“, подигната каросерија и едноставните форми – па дали би ја помешале со нешто друго?

Fiat очигледно „игра“ на емотивниот аспект на ретро-деталите, но го прави тоа на уверлив, современ начин. Како? Па светлата се ретро, но истовремено се и супер-современи. LED-елементите се разделено во индивидуални, пикселизирани сегменти – а тоа ги прави супер-современи и препознатливи. И такви детали има насекаде – од втиснатите Panda ознаки во вратите, преку втиснатиот FIAT знак на петтата врата, па сè до скриените Fiat линии низ дизајнот и малиот милион други детали.

Поврзано:  Fiat размислува за ограничување на максималната брзина на малите автомобили

Плус, има и малку логика позади лудилото на втиснатите ознаки. Не само што изгледаат одлично, туку и внесуваат цврстина во вратите без притоа да биде потребно дополнително зајакнување – ем фраерски, ем практично, ем намалува трошоци.

И да, на Grande Panda ѝ одговараат храбри бои. За среќа, Fiat одлучи дека сака да врати малку боја на улиците па Grande Panda не се нуди во сиви, здодевни бои. Ако се прашуваме ние, на Grande Panda одлично ѝ прилега Giallo Limone жолатата боја на нашиот тестен модел, или пак можеби Azzuro Acqua зеленкастата. Но во името на сè што е свето, ве молиме да избегнете црна боја – ќе се изгубат сите детали!

Беспрекорно шармантен ентериер

Океј, а како е внатре? Беспрекорно шармантно! При отворање на вратата нè пречекува море од боја – и се радуваме дека е така. Нема зошто ентериерот да биде здодевен. Повеќето панели се во интересна сина боја, а контраст е внесен преку неон-жолтите детали кои ги забележуваме на седиштата, на отворите за вентилација и на уште неколку места.

Се сместуваме во возачкото седиште и првиот впечаток е дека ова е навистина убаво и привлечно и весело место за седење. Прегледноста е одлична благодарение на големите стаклени површини и релативно едноставната форма на Grande Panda. Сите команди се лесни за користење и онаму каде очекуваме да бидат.

Плус, интересните детали продолжуваат и во кабината – старото Fiat лого е втиснато во внатрешните пластики на вратите, логото на Fiat гордо стои на управувачот, а мала Panda се крие во рамката околу инфозабавниот уред.

Повеќето материјали во кабината се цврсти, но барем се фино текстурирани и робустни. Плус, ако сме веќе искрени, на Grande Panda ѝ прилега ваквиот пристап – бидејќи едноставно не се обидува да биде нешто што не е. Ако имаме критика кон нешто, тоа е пијано-црниот финиш на пластиката околу контролерот за менувачот. Сосем е непторебен, а лесно се гребе.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Fiat го објави новиот хибриден Fiat 500

Пред возачот се поставени дигиталните инструменти кои ги покажуваат најважните информации околу возењето. Дури и инструментите се дизајнирани во истиот ретро-инспириран дух, па не се воопшто здодевни. Во модулот со инструментите е интегриран и инфозабавниот уред кој функционира изнендаувачки брзо а има и безжично Android Auto и Apple Carplay поврзување. Под него се отворите за вентилација и физичките контроли за клима уредот.

Многу ни се допаднаа и седиштата. Не само што изгледаат добро, туку се и супер-комфорни, а нудат и доволно прилагодување за лесно да најдете комфорна возачка позиција. За возачот и совозачот има повеќе од доволно простор, а некакви особени забелешки нема да имаат ниту патниците на задната клупа (во контекст на сегментот, секако).

Изненадувачки голем е и багажникот. Ја отвораме петтата врата и наоѓаме правилен багажен простор со капацитет од 412 литри, односно дури 1366 литри со преклопени задни седишта. Импресивно!

Насмеани зад управувачот!

Океј, а зад управувачот? Првата (и најверојатно најважната) работа која ќе ја кажеме е дека зад управувачот на Grande Panda сме.. Среќни! Едноставно, не може човек да ја вози Grande Panda а да не е насмеан. И не, не можеме да го дефинираме тоа, ниту пак да дадеме некакво рационално објаснување зошто е тоа така – но едноставно, е!

Од друга страна, Grande Panda изненадува и со довербата која ја влева. Управувањето не е спортско, но е директно и прецизно па Grande Panda верно ги следи насоките, без притоа да има пренагласено навалување во свиоци. Мирот во кабината го нарушуваат само остри нерамнини, а во сите други ситуации во ентериерот е навистина мирно. Станува малку побучно на повиски, автопатски брзини – но не повеќе бучно од било кој друг автомобил во сегментот.

Ефикасен хибриден погон

Но ако одиме малку подлабоко, ќе го препознаеме веќе познатиот хибриден погон на Stellantis и неговиот шармантен три-цилиндерски ритам. Во оваа конфигурација испорачува 101 коњска сила и 205 Nm вртежен момент, кои ги испорачува кон предните тркала преку автоматски менувач со двојна спојка, во кој е интегриран и електромоторот.

Поврзано:  Fiat размислува за ограничување на максималната брзина на малите автомобили

Електромоторот се напојува од минијатурна литиум-јонска батерија со капацитет од 0.87 kWh и овозможува движење на струја во тргни-застани ситуации, но и го дополнува турбо-бензинецот при забрзување. Резултат на сето ова е 100 километри на час за рамно 10 секунди, максимални 160 километри на час и потрошувачка која едвај надминува 6 литри на 100 изминати километри! Истовремено, Panda наметнува опуштено возење. Нема рачно менување на брзини, ниту пак мерач на вртежи. Едноставно, не се потребни – ставете во D и возете.

Малите автомобили на Fiat имаат огромен карактер

И сега, на самиот крај, време е да донесеме заклучок. Историјата покажува дека најуспешните модели на Fiat секогаш биле малите автомобили кои имале огромен карактер – само видете го Fiat 500. И да, тоа секогаш биле мали автомобили кои нуделе многу карактер, многу шарм, многу опрема и многу практичност – и сето тоа по прифатливи (да не речеме хумани) цени. И бидејќи новата Grande Panda ги исполнува сите тие строги стандарди, едноставно заслужува да биде честа појава на нашите улици! Плус, цело време ќе бидете насмеани – „шестка до шестка“!

Спецификации

Модел: Fiat Grande Panda Hybrid La Prima
Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри, MHEV
Моќност: 101 коњскa силa / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 205 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 6 брзини
0-100 км/ч: 10 секунди
Максимална Брзина: 160 километри на час
Должина: 3999 mm
Ширина: 2017 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1629 mm
Тежина: 1240 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2540 mm
Багажен Простор: 412 – 1366 литри
Потрошувачка: 6.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Fiat Grande Panda 1.2 100 MT6 POP – 16.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Fiat Grande Panda 1.2 Hybrid La Prima – 21.400 Евра
Повеќе Информации: Fiat.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.