Новиот Mercedes-Benz GLB пристигнува во електрична изведба, но следната година на пазарот ќе пристигнат и неколку хибридни опции.
На самиот старт ќе бидат понудени две целосно-електрични верзии, и сите го носат суфиксот With EQ Technology. За да поедноставиме, ние само ќе им додадеме EQ. Првата е GLB 250+ EQ, која добива батерија со капацитет од 85 kWh, која задвижува мотор поставен на задната оска. Моторот испорачува 268 коњски сили и 335 Nm и овозможува спринт до 100 километри на час за 7.4 секунди. Според официјалните податоци, автономијата е до 630 километри.
Втората опција е GLB 350 4Matic EQ. Оваа верзија добива два електромотори за вкупно 350 коњски сили и 515 Nm вртежен момент. Автономијата е нешто помала – 615 километри – но спринтот до 100 километри на час е скратен на 5.5 секунди.
Од Mercedes-Benz најавуваат и хибридни опции кои ќе пристигнат на пазарот следната година.
Дизајнот на GLB е самоуверен, со голема предна маска која едноставно доминира на предниот дел, околу која се поставени светлата со дневни светла во облик на ѕвезди (сепак е Mercedes). Профилот е типичен за SUV, со голем фокус на простор во кабината – одлично, со оглед на тоа дека GLB ќе може да се добие со 5 или 7 седишта.
Задниот дел ни е можеби најинтересен – светлосниот потпис е преземент директно од супер-ефикасниот EQXX концепт кој Mercedes-Benz го претстави пред неколку години.
Во кабината фокусот е јасно кон дигитализацијата и дигиталните услуги. Може (исто како кај CLA) да се нарача огромниот Hyperscreen, кој го сочинуваат 10.25-инчен дисплеј за возачот, 14-инчен инфозабавен екран и 14-инчен екран за совозачот. Самиот систем е поставен на најновата, четврта генерација на MBUX системот на Mercedes-Benz, која сега вклучува вештачка интелигенција од Google и Microsoft. Самиот оперативен систем е изграден врз Unity и доаѓа со MBUX Virtual Assistent, кој е базиран на ChatGPTO 4o.
Со силен фокус кон современите технологии, како и ефикасни електрични погонски опции, очекуваме дека GLB ќе биде интересен за купувачите кои сакаат ваков автомобил.

















