Од денес системот ќе започне со снимање и со испраќање опомени, а од нова година ќе започне и казнувањето.
Министерството за Внатрешни Работи стартува со системот Сејф Сити. Според најавеното, од денес е започнато снимањето на возачите и првиот месец само ќе бидат испраќани опомени. Опомените ќе бидат испраќани по СМС и e-mail пораки. На социјалните мрежи веќе се појавија првите фотографии од пристигнатите опомени.
По периодот за опоменување, ќе започне казнувањето. Грејс периодот е до Нова Година.
Според Гоце Андреевски, портпаролот на МВР, „Во почетниот период ќе се евидентираат сообраќајните прекршоци како: управување на возило со брзина поголема дозволената, минување на црвено светло, изминат рок на важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирани возила, а во следната фаза од проектот планирано е проширување на видот на сообраќајните прекршоци што ќе ги регистрира електронскиот систем.“
За секој прекршок, сопствениците на возилата ќе добијат СМС и e-mail со линк до записник и платен налог, и ќе има рок од 8 дена да уплати половина од казната. По истекувањето на тие 8 дена, ќе мора целосно да се плати во дополнителен рок од 8 дена. Доколку и тој рок е неиспочитуван, ќе започне процедура за присилна наплата. Ќе може да се плати и електронски, а МВР ќе биде автоматски известено дека казната е платена.




