Петта генерација, второ поглавје. Пристигна освежениот Kia Sportage, а заедно со него добивме и уште едно изненадување – целосно-електричниот Kia EV3!
Sportage е веќе добро-познат и одлично-прифатен автомобил на нашиот пазар. Со освежувањето, Sportage влегува во второто поглавје од неговата петта генерација и носи интересни новитети. Покрај визуелните измени кои се најнагласени во предниот дел, добива и технолошки освежувања и редефинирање на погонската понуда.
Сега дури и во основното ниво на опрема кое се нарекува Concept, Sportage добива супер-корисна опрема – како на пример адаптивниот темпомат. Добива и еден куп системи за асистенција, тркала од лесна легура и многу, многу повеќе. Sportage во Concept ниво на опрема ќе може да се добие со 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 150 или 180 коњски сили.
Верзијата со 150 коњски сили може да се добие со мануелен менувач со 6 брзини или DCT7 автоматски менувач со 7 брзини, додека помоќниот мотор може да се добие само со автоматскиот менувач.
Скалило погоре е Sportage Ultimate кој добива уште побогата опрема и може да се добие со 150-коњскиот турбо-бензинец, автоматски менувач и погон на предните тркала. На самиот врв е Sportage GT-Line кој се нуди само со 180 коњски сили, автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Цените на освежениот Sportage започнуваат од 30.300 евра за основата варијанта. Опцијата со автоматски менувач чини од 32.300 Евра, додека Sportage GT-Line чини 42.900 Евра.
Вториот новитет кој беше изненадување за медиумите беше целосно-електричниот EV3. На нашиот пазар ќе се нуди со батерија со капацитет од 58.3 или 81.4 kWh (во Long Range изведба). Без разлика на батеријата, EV3 е придвижуван од електромотор со моќност од 204 коњски сили, а ќе може да се добие во неколку различни нивоа на опрема.
Во моментов се работи на финализирање на цените и ни беше најавено дека ќе бидат објавени во текот на следната седмица.
Убав ден за Kia во Македонија!

































