Идните електрични модели на Volkswagen ќе добијат нови имиња – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Идните електрични модели на Volkswagen ќе добијат нови имиња

Како дел од новата бренд-стретегија, компанијата објави дека ID моделите во иднина нема да користат алфанумерички ознаки, туку ќе добијат вистински имиња. 

Членот на управниот одбор на VW – Martin Sander – за германските медиуми изјави дека имињата како ID.2all и ID.EVERY1 нема да се користат во сериското производство. Тој додаде дека „автомобилите повторно ќе добијат вистински имиња“ и потврди дека конечните имиња ќе бидат објавени пред лансирањето на новите модели.

Се шпекулира дека идните електрични модели би можеле да ги наследат имињата на веќе познати VW модели, како Polo за ID.2 или Lupo, Fox и Up! за ID.1, но не се исклучува и можноста да бидат избрани сосема нови имиња.

Промената во имињата се очекува да се совпадне со освежувањето на ID моделите кое е најавено за 2026 година. Тоа би можело да биде идеален момент за VW не само да ја модернизира технологијата и дизајнот, туку и да воведе нова, поедноставена и попрепознатлива номенклатура. Целта е да се избегне конфузијата со досегашните алфанумерички ознаки и да се олесни препознавањето на моделите на пазарот.

Volkswagen се надева дека ќе го олесни изборот за купувачите, особено бидејќи класичните модели со мотори на внатрешно согорување ќе се продаваат паралелно уште неколку години. Останува да видиме дали новата стратегија на Volkswagen ќе донесе поголема јасност и успех на пазарот на електрични автомобили.



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!