Раководството на компанијата ги извести вработените дека производството во Германија е прескапо поради падот на маржите кај електричните возила, високите трошоци за енергија и сè посилната конкуренција од кинеските брендови.
За да ја постигне оваа цел, раководството предводено од генералниот директор Ola Källenius и шефот на производство Michael Schiebe предлага серија непопуларни мерки. Меѓу нив се продолжување на неделното работно време од стандардните 35 на 38 или 40 часа без дополнителен надомест на плата, како и кратење или целосно укинување на регресот за годишен одмор, божиќните бонуси и специјалните исплати за учество во профитот.
Schiebe предупреди дека доколку не се постигне договор за кратење на трошоците, Mercedes ќе биде принуден да затвори две фабрики во Германија — една за склопување возила и една за производство на погонски системи.
Како дополнителен притисок, компанијата ги користи своите капацитети во фабриката во Унгарија, каде што трошоците за труд се за дури 70 проценти пониски во споредба со оние во Германија. Со неодамнешното дуплирање на капацитетот на унгарската фабрика на 400000 возила годишно, раководството јасно стави до знаење дека идното производство и нови модели лесно можат да бидат префрлени надвор од Германија.
Синдикатот IG Metall и работничкиот совет острo реагираа на овие закани, организирајќи протест со околу 20000 работници пред фабриката. Синдикатот категорично го одби зголемувањето на работната недела и побара цврсти писмени гаранции за инвестиции, распределба на нови модели и зачувување на работните места пред да се разговара за какви било компромиси.




