Откако пред неколку седмици пријавивме дека пристигна, сега со задоволство можеме да кажеме дека плаг-ин хибридниот SUV на Geely и официјално е лансиран на македонскиот пазар.
Со оглед на сè поголемиот интерес за плаг-ин хибридни автомобили во Македонија, среќни сме што понудата се зголемува со нов и навистина интересен (и ценовно-привлечен) SUV.
Како што веќе пишувавме, основа за плаг-ин хибридниот погон е 1.5-литарски бензинец со четири цилиндри кој испорачува 100 коњски сили, а соработува со батерија со капацитет од 18.4 kWh и електромотор кој испорачува дополнителни 215 коњски сили и 262 Nm вртежен момент, кои пак овозможуваат авономија на струја до 83 километри. Вкупната автономија е безмалку 950 километри, а Geely ветува забрзување до 100 километри на час за 8.1 секунда.
Секако, Starray EM-i доаѓа со многу, многу опрема. Седиштата кои се обвиени во кожа, а добиваме и премиум аудио уред со 16 звучници и многу други играчки. Плус да напоменеме дека седиштата се со загревање и вентилација. Кабината е темелно дигитализирана, а бидејќи Geely во своето портфолио го има и Volvo, Starray EM-i ги има сите најсовремени системи за безбедност – всушност, Starray EM-i веќе ги помина тестовите на EuroNCAP каде освои максимални пет ѕвездички.
Плаг-ин хибридниот Starray EM-i наскоро ќе пристигне и на тест, па ќе ги пренесеме нашите впечатоци. Во меѓувреме, посетете го салонот на Geely во Скопје, или пак погледнете ја официјалната веб-страница на Starray EM-i.
















