Cupra конечно официјално го претстави Raval – од UrbanRebel, па сè до она кое го гледаме денес, компактниот електричен автомобил го задржува одметничкиот дух!
Од Cupra гордо кажуваат дека Raval „основа нова категорија која комбинира урбана динамичност со просторна практичност“. Прифатете го тоа како сакате, но ние ќе кажеме дека малиот електричен Raval воведува доза на футуризам и агресивност во сегмент каде трендовите ги поставуваат ретро-инспирирани автомобили.
Инаку, името Raval доаѓа од „храбра, креативна и урбана“ област во Барселона. Малиот автомобил е поставен на MEB+ платформата на Volkswagen, односно на истата платформа на ID. Polo и новиот електричен ID. Polo GTI. Од Cupra веќе потврдија дека ќе пристигне и помоќна, повозбудлива верзија од Raval – изведба CZ со 226 коњски сили и 290 Nm вртежен момент. Секако, во понудата има и „понормални“ верзии – основната верзија користи електромотор со моќност од 116 коњски сили, додека Raval Plus добива 135 коњски сили. Обете верзии добиваат струја од LFP батерија со капацитет од 37 kWh и поминуваат до 300 километри со едно полнење.
Raval Endurance и Raval VZ добиваат поголема NMC батерија со капацитет од 52 kWh. Raval Endurance и неговите 211 коњски сили поминуваат до 450 километри, додека Raval VZ поминува до 400 километри со полни батерии. Сите верзии се со погон на предните тркала, но Raval VZ добива и електронски диференцијал со ограничено пролизгување.
Како што и очекуваме, кабината е темелно дигитализирана – односно Raval го добива најголемиот дигитален панел со инструменти од сите досегашни модели на Cupra – пред возачот има 10.25-инчен дисплеј, додека на централната конзола е поставен 12.9-инчен екран за инфозабавниот систем кој веќе се користи кај освежениот Cupra Born. Но она што е за поздрав се физичките копчиња поставени на управувачот и на централната конзола.
Продажбата треба да започне летово и основната верзија би требало да чини од 26.000 Евра. Секако, тоа е на домашниот пазар, ќе видиме какви ќе бидат цените на други пазари низ Европа.

















