Opel неодамна ја освежи супер-популарната Astra која наскоро треба да пристигне и во Македонија – но во меѓувреме, веќе ги добивме македонските цени за освежениот германски хечбек.
Најголемата и најочигледната измена е на новиот преден дел – Astra влече директна инспирација од големиот Grandland, но и од лудиот концепт во форма на Corsa GSE Vision Gran Turismo и го целосно го имплементира Opel-овиот Vizor. Централно-поставеното лого на Opel – таканаречениот Blitz – за прв пат е освелено, а IntelliLux HD предните светла имаат повеќе од 50.000 индивидуални LED елементи за супер-прецизно осветлување. Дел од приказната се и новите Kontur White и Klover Green бои, а тука се и новите 17 и 18-инчни тркала.
Кабината добива внимателни измени, со цел да биде поинтуитивна и полесна за користење, а за прв пат Astra стандардно ќе доаѓа со Intelli-Seats седишта, кои нудат повеќе комфор и попријатно седење и при подолги патувања. Секако, тука се и AGR-сертифицираните седишта со електрично нагодување, напредна лумбарна поддршка и масажа. Овие седишта се обвиени во ReNewKnit – оддржлив материјал кој е добиен од 100-проценти рециклирани материјали – и секако, може и понатаму да се рециклира.
Со освежувањето, Astra доби и надградени погони. Плус, Opel не се откажува од ниту една погонска опција. Astra Electric сега има електромотор со максимални 156 коњски сили и батерија со капацитет од 58 kWh и може да помине 454 километри со едно полнење. Освежената Astra Electric во Македонија ќе чини од 39.300 Евра.
За оние кои сè уште не се подготвени за целосно префрлање „на струја“, тука е плаг-ин хибридната верзија на Astra со 196 коњски сили која чини од 39.900 Евра. Хибридната верзија со 145 коњски сили чини од 27.900 Евра, додека освежената Astra со дизел мотор ќе чини од 26.490 Евра.
Интересно е дека цените на освежената Astra се значително намалени во однос на верзијата пред освежувањето – Astra со дизел мотор ќе биде околу 3000 Евра поевтина од досега. Плус, вреди да додадеме дека сите верзии се достапни само со автоматски менувач – како што и доликува во 2026.






