Германија објави дека ќе ги врати субвенциите за електрични возила, а за прв пат во програмата ќе бидат вклучени и Range-Extender возила кои користат бензински мотор за полнење на батеријата.
Семејствата со мали и средни примања ќе добијат асистенција за купување на електрично возило, објави германското Министерство за Животна Средина. Германија ќе субвенционира меѓу 1500 и 6000 евра по возило, во зависност од неколку различни параметри – висината на оданочените примања, бројот на деца во семејството, итн. Ова е со цел да се заживее продажбата на електрични возила и да се помогне германската автомобилска индустрија.
Интересно е што всушност субвенциите стартуваат од 3000 Евра, но се намалуваат на 1500 евра за Плаг-Ин Хибридни возила и за Range Extender возила, односно возила кои имаат бензински мотор кој не ги движи тркалата, туку функционира како мал генератор за електрична енергија. Субвенциите ќе важат ретроактивно и ќе бидат достапни за оние кои купиле возило по 1ви Јануари годинава, а ќе може да се аплицира од Мај. Дополнително, нема географски ограничувања околу потеклото на возилата – односно тоа отвора врати субвенциите да важат и за електрични возила кои потекнуваат од Кина.
Согласно плановите, субвенциите би требало да бидат доволни за околу 800.000 возила, а оние кои ќе купат електрично возило и ќе побараат субвенции ќе мораат да ги задржат возилата најмалку три години.





