Европа размислува за минимални цени за кинеските возила – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Европа размислува за минимални цени за кинеските возила

Блумберг пренесува дека Европската Унија размислува за воведување минимални цени за возила кои доаѓаат од Кина.

Според Блумберг, Европската Унија размислува да воведе „Најниски Дозволени Цени“ за возила кои пристигнуваат во Европа од Кина. Од кинеското Министерство за Трговија го поздравија ваквиот чекор. Според најавениот план, дополнителните наметнати давачки би биле заменети со најниски дозволени цени, за кои од ЕУ кажуваат дека ќе ги земат предвид и субвенциите кои кинеските производители ги добиваат од Кина. Со ваквиот чекор, би се заштитиле европските производители, а и кинеските производители би ги задржале профитните маржи.

Ваквиот потег би ги олеснил трговските тензии меѓу Европа и Кина, откако се заостри взаемната реторика, но и Кина одговори на тарифите кои Европската Унија ги воведе кон кинеските електрични возила.

„Ваквиот потег не само што поддржува здрав и стабилен развој меѓу Кина и ЕУ, како и инвестициите и билатералните односи, туку исраќа јасна порака кон глобалните пазари дека двете страни остануваат цврсто посветени на управување на различностите низ дијалог и консултации“ – кажуваат од Кинеската Трговска Комора.

Интересно е што и покрај зголемените давачки за електрични возила од Кина (на пример, возилата на SAIC, односно MG имаат дополнителен данок од дури 35.3%, но и покрај тоа имаа одлична година во Европа), кинеските производители неуморно го зголемуваат пазарниот удел во Европа. Според најавеното од Европската Комисија, извозниците од Кина би поднеле предлог за намалување или избегнување на дополнителните даноци, а комисијата ќе ги разгледа овие предлози и ќе одлучи дали да ги прифати или не, врз основа на критериуми за уредување на најниската цена за увоз.

Поврзано:  2025 беше рекордна година за MG

Дополнителните давачки се проблем и за европските брендови кои некои модели ги произведуваат во Кина и потоа ги увезуваат и ги продаваат во Европа.

Извор: Bloomberg



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.