Кој би рекол дека најмоќниот Opel на пазарот во моментов е семеен електричен SUV со погон на сите четири тркала и 325 коњски сили?
На неодамнешната интернационална презентација на Opel Mokka GSE, имавме можност набрзина да се запознаеме и со врвната изведба на новиот Grandland – а тоа е варијантата со батерија со капацитет од 73 kWh, два електромотори и вкупно 325 коњски сили!
Ние веќе добро го познаваме Grandland – минатата година бевме на интернационалната презентација каде го имавме првиот контакт со семејниот SUV на Opel, за потоа да го возиме и на наш терен во хибридна варијанта. Сега, имавме брзинска можност да се запознаеме со Grandland AWD.
Сето ова овозможува автономија до 500 километри (според WLTP мерењата). Предниот електромотор и понатаму испорачува 213 коњски сили, но сега тој соработува со уште еден поставен на задната оска кој испорачува уште 112 коњски сили. Вкупната, системска моќност е 325 коњски сили и одлични 509 Nm вртежен момент – а сето тоа резултира и со навистина импресивни перформанси.
Импресивни? Па да, бенчмаркот од 100 километри на час се достигнува за 6.1 секунда, но уште позабележителни се меѓузабрзувањата – Grandland AWD се задвижува нанапред со воздржан ентузијазам кој му прилега на вакво возило, но сепак се забележува разлика во однос на другите изведби. Се чувствува и погонот на сите четири тркала, односно работата на задната оска. Особено во Sport режим, лесно се препознава преносот кон задната оска и „вовлекувањето“ на задниот дел кога е потребно.
Истовремено, инженерите на Opel поработеле и на аеродинамиката, па Grandland Electric AWD е најаеродинамичната изведба на Grandland, со коефициент на отпор од само 0.278. Тоа е постигнато благодарение на оптимизираните аеро браници. Добива и огромни 20-инчни тркала, но и специјални адаптивни амортизери со специјални пружини и стабилизатори, како и специјално нагодено управување и систем за контрола на стабилноста.
Кабината е идентична како кај другите верзии на Grandland – а тоа значи одлична просторна понуда, доминантна возачка позиција, супер-комфорни AGR седишта и многу, многу опрема.
За жал немавме многу време со Grandland Electric AWD, но првите впечатоци се позитивни. Со Grandland Electric AWD, Opel ја заокружува гамата на големиот SUV и нуди интересен, динамичен и секојдневно-корисен електричен SUV.















