Новиот CLA Shooting Brake дебитира во електрична изведба, а понатаму ќе пристигнат и хибридни варијанти.
Караванската изведба на Mercedes-Benz CLA повторно го носи суфиксот Shooting Brake. Германскиот производител одлучи прво да претстави две електрични варијанти, а понатаму ќе пристигнат верзии со хибриден погон. Двете електрични верзии добиваат батерија од Никел, Манган и Кобалт (NMC) со капацитет од 85 kWh, а во зависност од верзијата која ќе ја одберете ќе добиете 260 коњски сили и 335 Nm вртежен момент или 350 коњски сили и 515 Nm вртежен момент.
Основниот CLA 250+ постигнува 100 километри на час за 6.8 секунди, додека помоќниот CLA 350 го достигнува истиот бенчмарк за 5 секунди.
За разлика од многу други електрични автомобили, електричниот CLA има менувач со две брзини, што овозможува и брзо забрзување и (релативно) висока максимална брзина – двете верзии достигнуваат 210 километри на час. Двете верзии се полнат со максимални 320 kW, што пак овозможува дополнување доволно „сок“ во батериите да се дополнат 310 километри за околу 10 минути.
А кога сме кај досегот, CLA 250+ може да помине до 760 километри со полни батерии, додека CLA 350 може да помине до 730 километри, според WLTP мерењата, секако.
Инаку, визуелните измени започнуваат од средниот Б-столб, па одат наназад. Кровната линија е продолжена и компактниот премиум караван добива панорамски стаклен кров. Задниот крај добива едноделен LED светлосен елемент. Според Mercedes-Benz, благодарение на формата просторот за глава на задните седишта е подобрен, а багажниот простор расте на скоро 1300 литри со преклопени задни седишта.
Mercedes-Benz посебно го потенцира стаклениот кров кој е изработен од специјално стакло кое не дозволува пренесување на топлина во кабината. Во стаклото се вградени 158 ѕвезди кои можат да бидат осветлени заедно со амбиенталното осветлување во кабината.