Nовиот кросовер e дизајниран за меѓународните пазари и претставува поелегантна верзија на Dacia Bigster.
Иако моделот нема да се продава во Западна Европа, тој ќе биде достапен во Источна Европа, Средниот Исток и во медитеранските земји.
Boreal се издвојува со уникатен преден дел, решетка во боја на каросеријата и нови LED светлосни елементи. Должината на моделот е 4.556 мм, со меѓуоскино растојание од 2.702 мм, што го прави само 14 мм пократок од Bigster.
Меѓу деталите од надворешноста што мора да ги спомнеме се алуминиумските заштитни плочи, контрастниот црн покрив, 19-инчните бандажи и панорамскиот покрив.
Кабината е модернизирана и содржи 10-инчна дигитална инструмент табла, како и 10-инчен инфозабавен систем кој функционира на оперативен систем на Google. Тука се и ласерски гравираните детали, амбиенталното осветлување и седиштата во сина или сива боја со контрастни шевови.
Во поглед на безбедноста, достапни се 24 системи за асистенција, вклучувајќи адаптивен темпомат со одржување во лента, автоматско сопирање, предупредување за слепа точка, препознавање сообраќајни знаци и автоматско паркирање.
За почеток, Boreal ќе се нуди со добро познатиот 1.3-литарски турбо-бензинец со 138 коњски сили, вртежен момент до 240 Nm и шестстепен автоматски менувач. Понатаму се очекуваат и други моторни опции, прилагодени за различните пазари.
Производството за европските и медитеранските пазари ќе се одвива во фабриката во Бурса во Турција, додека за Латинска Америка во Бразил. Првичната продажба започнува кон крајот на 2025 година, а глобалната експанзија следи во текот на 2026 година.