2CV Клуб Скопје е кандидат да биде домаќин на светскиот 2CV собир во 2029! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

2CV Клуб Скопје е кандидат да биде домаќин на светскиот 2CV собир во 2029!

Светскиот собир на Спачеци познат како „World meeting of 2CV’s Friends” е настан кој ги обединува љубителите на Спачекот во светски рамки – и има сериозни шанси да пристигне во Македонија во 2029!

Прославата на 2CV се одржува официјално од 1975 година кога за првпат настанот се одржал во Финска. Неофицијално првиот светски собир е одржан во Пореч во 1973 година и од тогаш па се до денес истиот се одржува на секои две години. Оваа година светскиот собир на љубители на Спачекот, кој е 25ти по ред, се одржува по втор пат во Словенија по 1995 година во Марибор – овој пат во Постојна на истоимениот аеродром.

This aerial photograph shows a view of the 24th World meeting of Citroen 2CV friends near Delemont, northern Switzerland. –AFP photos

Светскиот собир на пријателите на Спачекот е настан кој во просек собира 10.000 луѓе и 4.000 автомобили, бројка која самата по себе кажува дека се работи за сериозен настан, организиран од вистинските вљубеници. Нашиот клуб, Цитроен 2cv Скопје познат како Клуб Спачек, е учесник на овие собири од 1997 година во Еендендам Холандија и клубот учествува на секој настан до ден денес.

Од Клуб Спачек кажуваат – „Благодарение на нашите пријателски држави, пред сè од балканот но и на интернационално ниво, се создадоа шанси да се кандидираме како држава домаќин за светскиот собир кој ќе се одржи во 2029 година. Следниот во 2027 ќе се одржи во Холандија и оваа година во Словенија се гласа за следниот домаќин за во 2029 година кој ќе биде 27ми по ред. Бидејќи сме едни од главните фаворити за добивање на можноста да бидеме домаќини, на нас е да ја претставиме нашата држава на најдобар можен начин.“

Поврзано:  Официјално: Македонија ќе биде домаќин на Светскиот Спачек Собир во 2029!

Што значи тоа за нашата држава? Најголема придобивка ќе има туризмот, со тоа секако и нашата држава. Настанот во просек како е и горенаведено има 4.000 посетители како и 10.000 возила, кои ќе транзитираат и престојуваат во нашата држава со месеци. Воедно ова е и најголемиот светски автомобилски настан кој трае веќе 50 години и секако дека ќе продолжи и низ годините кои следат.

Инаку, Цитроен 2цв Скопје односно Клуб Спачек е основан во далечната 1998 година од страна на мала група на вљубеници во Спачекот, пред сè блиски пријатели. Понатаму, прераснува во клуб на вљубеници во Спачекот и неговите варијанти како што се Дијаната, Амито, Мехарито итн. Одреден период клубот функционираше неформално односно само со меѓусебни дружби и состаноци, секој прв Понеделник од месецот, традиција која остана и се до ден ден и по реосновањето на клубот во 2023 година. Воедно, клубот е и најстар клуб во Македонија чие име се поврзува со олдтајмерите, односно возилата кои имаат историска вредност.

Кога ги прашавме претставниците на клубот од каде желбата и иницијативата да се донесе собирот во Македонија, ни кажаа: „Иницијативата за носење на светскиот собир потекнува пред сè од нашите пријатели од Балканскиот полуостров, а тука се сите земји кои се дел од истиот како и нашите земји пријатели од светот кои ги имаме секако, многу. Голем впечаток им остави минатогодишниот собир на Спачеци кој се одржа во Љубаништа, Охрид, кој траеше од 17 до 19 Мај и на кој присутни беа дури 45 возила од целиот Балкан па дури имавме и возило од Германија. Сите беа одушевени од убавините на Македонија и од нашата организација, кое меѓу другото беше иницијлната каписла да се дојде до оваа идеја.“

Понатаму, додаваат: „Учесници сме на секој светски собир кој се одржал од 1997 година па сè до денес како и на настани кои се одржуваат секоја година во Србија, Хрватска, Словенија а од минатата година и кај нас, а кои имаат една и единствена цел – тоа е дружбата помеѓу Спачекистите од целата поранешна Југославија и задржување на меѓусебното заедништво „последица” на поранешната СФРЈ.“

Конечно, гордо кажуваат дека не може секој да биде „Спачекист“. Како што кажуваат – „За да бидеш Спачекист треба да имаш слободен дух, да бидеш ослободен од секојдневните предрасуди и конзумеризмот. Ние Спачекистите сме луѓе кои меѓусебно секогаш кога се во можност си помагаат, било да се во прашање делови или споделување на знаење се со цел да нашите автомобили да бидат што подолго во функција, да откриваат нови дестинации и поминуваат што повеќе километри. Ние сме кампери во душа, доволно ни е шатор, камперски оган, по некое пиво и фокусот е на дружењето. Преку меѓународната организација „APUA Help“, во која членуваат членови од целиот свет (меѓу кои секако, и од Македонија) секој пат кога некој има некаков проблем, тука сме да помогнеме и заеднички да го решиме проблемот. Спачекизмот е начин на живот.“

Поврзано:  Тркач во боите на Tricolore - Citroën го претстави болидот со кој ќе се натпреварува во Formula E

Им посакуваме среќа и тука сме да ги подджриме во сите напори!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.