ВОЗЕВМЕ: Целосно-електричниот EX5 е врв на технолошкото портфолио на Geely – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Целосно-електричниот EX5 е врв на технолошкото портфолио на Geely

Кинескиот гигант го лансира својот прв навистина глобален модел – новиот EX5 – а ние имавме можност да бидеме меѓу првите во Европа (па дури и во светот) кои седнаа зад управувачот на новиот електричен SUV на Geely.

Geely неуморно работи на проширување на своето портфолио на брендови, но и на модели. Најновиот член на семејството Geely е токму новиот модел за кој ќе зборуваме денес и кој воопшто не ги крие своите амбиции. А кои се неговите амбиции? Да зборуваме за EX5.

Верувале или не, ова не е нашиот прв контакт со EX5. Минатата година сосем случајно уловивме камуфлиран прототип како минува низ финално тестирање токму низ Македонија. А сега, скоро една година подоцна сме зад управувачот на новиот модел.

Нова платформа, нови батерии, нови технологии, ново… Сè!

EX5 е поставен на целосно нова платформа на Geely, наменета за нови енергии и најнови технологии. EX5 на пазарот пристигнува како целосно-електричен модел, но Geely најавува и плаг-ин хибридна варијанта која би требало да биде лансирана во текот на следната година. Платформата го носи името GEA 3.0.

Важен новитет се и новите Short Blade батерии на Geely. Батериите се пократки и посилни, имаат зголемена енергетска густина, подобро ја задржуваат силата на полни батерии и нудат до 52% побрзо просечно полнење во однос на постари технологии на батерии. Интересно, од Geely напоменуваат дека внатрешниот отпор е намален за 5.5%, што пак е директно поврзано со другите придобивки.

Самата батерија е со капацитет од 60.2 kWh и според WLTP мерењата овозможува автономија до 430 километри. Предните тркала ги задвижува електромотор кој „од нула“ испорачува 218 коњски сили и 320 Nm вртежен момент. Според официјалните податоци, забрзувањето до 100 километри на час трае 7.1 секунда, додека максималната брзина е 175 километри на час.

Батеријата на EX5 се полни со максимални 11 kW преку AC полнач, односно 100 kW преку брз DC полнач. Полнењето од 30% до 80% трае само 20 минути.

Поврзано:  Пристигнаа Geely Cityray и електричниот EX5!

EX5 изгледа модерно и воздржано

На прв контакт, EX5 изгледа навистина модерно. Предниот дел е самоуверен, а тенките предни светлосни групи му даваат динамичен лик. На предниот дел нема конвенционална решетка бидејќи не е потребна, а во страните од браникот се поставени отвори за насочување на воздухот. Профилот е веќе препознатливо конвенционален за SUV, но со интересен „исечени“ површини на вратите.

Задниот дел е едноставен, но сепак привлечен. Широкиот заден светлосен елемент ги истакнува димензиите, додека динамичноста ја надополнува задниот спојлер.

Кабина на која ќе позавидат значително поскапи (и поизвикани) брендови

Кабината е изненадувачки просторна, а финалната обработка е на навистина импресивно ниво.

Всушност, би рекле дека многу поскапи автомобили од многу поскапи (и поизвикани) брендови би можеле да позавидат на квалитетот на ентериерот. Пред возачот е поставен 10.2-инчен дисплеј наменет за најважните информации околу возењето, но и тој се прилагодува според желбите на возачот. Дополнително, пред возачот има и голем 13.8-инчен хед-ап дисплеј.

На централната конзола едноставно доминира големиот, 15.4-инчен дисплеј кој е чувствителен на допир и преку кој се контролираат повеќето функционалности во автомобилот. Системот функционира импресивно брзо благодарение на новиот чип (односно SoC) исто така од страна на Geely. Едноставно, нема скоро никакво колебање ниту чекање, а системот лесно се поврзува со мобилен телефон. Мораме (ама стварно, мораме) да го пофалиме Flyme Sound премиум аудио системот со 16 звучници кој испорачува беспрекорен и моќен звук.

Инаку, во кабината има навистина многу простор – како на предните седишта, така и на задната клупа. Ниту возачот и совозачот, ниту пак патниците ќе се пожалат на недостаток на простор. Единствената забелешка која ја имаме се однесува на поставеноста на совозачкото седиште, кое не може да биде ниско како возачото, па таму се седи повисоко.

Поврзано:  ТЕСТ: Geely EX5 MAX BEV - Сето знаење на Geely во еден автомобил

Од друга страна, предните две седишта целосно се навалуваат наназад. Предните седишта имаат и систем за греење и вентилација, како и вградена масажа. Всушност, кај EX5 пристапот е „нема што нема“. Едноставно, има сè што ќе ви текне. Огромен панорамски кров? Има. Премиум аудио уред? Има и тоа. Седишта обвиени во имитација на кожа? Има и тоа. Целосна дигитална поврзаност со OTA надградби, дигитално радио, еден куп екрани и дури 16 ADAS системи за асистенција во возењето? Нема потреба ниту да прашувате.

EX5 е суверен и самоуверен, без разлика на подлогата

Океј, а каков е EX5 на пат? Нашата тура нè однесе од Белград до прекрасна винарија покрај брегот на Дунав и можевме да поминеме време како низ урбани средини, па на автопат и на крај да возиме и по магистрален пат и мали локални улички. И вистината е дека EX5 се справи со сите предизвици без никаков проблем.

Целосно-електричниот SUV се однесува суверено и самоуверено на автопат, а истовремено (во Sport режим, секако) е стабилен и влева доверба и кога патот станува кривулест. Нема да ви ја зоврие крвта во вените, но тоа и не е поентата – EX5 е комфорен, врвно-опремен и врвно ефикасен. Првиот контакт со EX5 се покажа како позитивен, се надеваме дека EX5 наскоро ќе пристигне и кај нас, за уште подобро да се запознаеме со технолошкиот шоукејс на Geely. И неофицијално, цената во Македонија се очекува да биде 36.900 Евра. Интересно, навистина интересно.

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.