Неодамна Geely ги отвори вратите (или портите, ги крена рампите, како сакате) на Geely Safety Centre – новиот, најнапреден и најголем центар за тестирање на автомобилската безбедност во светот!
Центарот се простира на површина од 45.000 м², со почетна инвестиција од над 2 милијарди јуани (RMB), што му овозможува на Geely да го забрза развојот на безбедносни технологии и да ги подигне глобалните безбедносни стандарди на повисоко ниво.
Geely Safety Centre го опфаќа целиот спектар на глобални безбедносни тестирања од краш-тестови при високи брзини и заштита на пешаци, до симулации за активна безбедност, безбедност на батерии и нови енергетски погонски системи, сајбер-безбедност и здравствени безбедносни евалуации. Надминувајќи ги стандардните тестови за безбедност на возилата и патниците, новиот центар е изграден за да ја поддржи визијата на Geely за „сèопфатна безбедност“ во ерата на интелигентни возила.
Океј, но што значи сето тоа? Па од Geely гордо кажуваат дека центарот располага со нови можности како што се тестирања за сајбер-безбедност според CNAS-сертифицирани стандарди, повеќекратни вектори на напади и евалуации на чипови, фирмвер, пренос и енкрипција на податоци, OTA ажурирања, сензори и контролни системи во возилата.
Понатаму, за Geely, безбедноста не се однесува само на производите и возилата, туку и здравјето на луѓето и заштитата на животната средина се исто така клучен дел од концептот. Тимот „Golden Nose“ во рамките на Geely Safety Centre се фокусира на тестирање на испарливи материјали и мириси, детекција на штетни супстанции и обезбедување усогласеност со стандардот „нула штетни гасови/мириси“.
Плус тука се и светските рекорди – дури пет! Geely Safety Center има пет рекорди – најголема лабораторија за автомобилска безбедност (81.930,745 м²), најдолга внатрешна патека за краш-тестови (293,39 м), најголем тунел со прилагодлива надморска височина и климатски услови (симулација на снег/дожд/сончево зрачење) за тестирање на возила (28.536,224 м², максимална брзина на ветер од 250 км/ч), најголема зона за краш-тестови со произволен агол (0–180°) со површина од 12.709,293 м², како и најголем број достапни тестови (27 типови) во лабораторија за безбедносни тестирања на еден автомобилски производител.
И сето ова е во насока на подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Секако, тоа што Geely во своето портфолио го има и Volvo значи дека има одредена одговорност кон шведскиот бренд, но и кон почитување на историјата на Volvo и сè што брендот има придонесено кон глобалната безбедност во автомобилската индустрија. И отворањето на Geely Safety Centre е продолжување, односно следен чекор кон заложбата кон безбедноста – ќе овозможи побезбедни, попаметни и поодржливи решенија за мобилноста на корисниците ширум светот.





