ТЕСТ: Dongfeng Forthing T5 Evo 1.5 Exclusive DCT7 – Вистинско освежување во вистински момент – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Dongfeng Forthing T5 Evo 1.5 Exclusive DCT7 – Вистинско освежување во вистински момент

Неодамна, Dongfeng подготви освежување за еден од неговите најпопуларни модели – динамичниот T5 Evo – и време е да зборуваме за него.

Т5 Evo е еден од најпопуларните модели на Dongfeng како глобално, така и во Македонија. Неодамна, кинескиот гигант подготви технолошко освежување за привлечниот SUV и поработе на забелешките кои ги доби како од купувачите, така и од автомобилските медиуми – па ајде да позборуваме за освежениот T5 Evo.

T5 Evo е подинамичен и поагресивен

Визуелните измени се дискретни, но му даваат на T5 Evo подинамичен и можеби нијанса поагресивен лик. Предниот браник е подлабок, со поголеми отвори за воздух и предни светла исфрлени кон страните. Дел од браникот е изработен од имитација на карбон, но сето тоа го прави предниот дел да изгледа значително поширок и поагресивен. Елемент кој не ни се допаѓа се непотребните вертикални кромирани декоративни елементи, но инаку, сега T5 Evo изгледа уште подинамичен и поагресивен.

Профилот е неизменет, но ќе забележиме дека има црни заштитни (и декоративни) пластики во долниот дел од вратите, кои продолжуваат кон задниот дел. Задниот дел добива дискретно редизајнирани задни светла, но и забележливо редизајниран заден браник со англасен дифузер во долниот дел.

Приказната за дизајнот ја заокружуваат задниот спојлер, големите тркала и завршетоците од издувниот систем. Сè на сè, T5 Evo и понатаму изгледа како да е од друга планета.

Технолошки надградена и опремена кабина

Одиме внатре. Во кабината измените се уште подискретни и визуелно безмалку незабележливи. Она што е важно е да се напомене дека T5 Evo добива надграден инфозабавен систем со нов, значително поинтуитивен оперативен систем, но сега доаѓа и со безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување – нешто што очигледно недостасуваше кај моделот пред неговото освежување.

Инаку, кабината и понатаму е онаа која веќе добро ја познаваме – комфорна и просторна, и воглавно обложена со фини (како на изглед, така и на допир) материјали. Да, некои од пластиките во пониските делови се забележително поцврсти, но ќе напоменеме дека тоа не е ништо неочекувано.

На задната клупа има изненадувачки многу простор, а чувството на просторност во кабината го надополнува и огромниот стаклен кров. Патниците на задната клупа добиваат и USB приклучок и централен наслон. Багажникот е со капацитет од 480 литри, односно 1480 литри со преклопена задна клупа, а кон багажникот се пристапува преку голема петта врата.

Еден-пет турбо-бензин, скоро 200 коњски сили

Она кое останува непроменето е одличниот 1.5-литарски турбо-бензинец кој и досега се вградуваше во T5 Evo. Турбо-бензинецот е со потекло од Mitsubishi и испорачува 197 коњски сили при 5600 вртежи во минута и сосем добри 285 Nm вртежен момент од 4000 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 7-степен DCT менувач.

Резултат на оваа технолошка комбинација? Забрзувањето до 100 километри на час кое трае само 9.5 секунди, како и максимални 195 километри на час. Возете внимателно и градската потрошувачка е меѓу 9 и 10 литри бензин на 100 изминати километри – сосем респектабилно, со оглед на фактот дека на располагање имате безмалку 200 коњски сили.

Т5 Evo и понатаму е изненадувачки динамичен SUV. Успева да биде динамичен без да биде груб, но од свиок во свиок се префрла со самодоверба која обично е резервирана за значително поскапи автомобили. Дали е најдинамичниот SUV на пазарот? Секако дека не, но комбинацијата од начинот на кој (во спортски режим) ја испорачува моќта од турбо-бензинецот преку автоматскиот менувач со двојна спојка кон тркалата и добро-прилагодената шасија го прави да биде навистина интересен.

Заклучок? T5 Evo е уште поинтересен!

Купувачите на нашиот пазар веќе добро го познаваат T5 Evo. Комбинацијата од забележителен, екстровертен дизајн, моќен турбо-бензинец и многу, многу опрема (и сето тоа по навистина интересна цена) го прави да биде привлечен за нашите купувачи. Предрасудите се одамна надминати, сега купувачите едноставно уживаат во ваквите автомобили.

Спецификации

Модел: DFSK Forthing T5 Evo 1.5 197 DCT7 Exclusive
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец
Моќност: 197 коњски сили / 5600 вртежи во минута
Вртежен Момент: 285 Nm / 4000 вртежи во минута
Менувач: DCT автоматски менувач со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 9.5 секунди
Максимална Брзина: 195 километри на час
Должина: 4565 mm
Ширина: 1860 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1690 mm
Тежина: 1500 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2715 mm
Багажен Простор: 480 – 1480 литри
Потрошувачка: 9.6 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на тестираниот модел: DFSK Forthing T5 Evo 1.5 197 DCT7 Exclusive – 28.900 Евра
Гаранција: 3 години / 100.000 километри
Повеќе Информации: DFSK.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.