На чело на Citroën доаѓа Xavier Chardon, човек со огромно искуство не само со францускиот бренд, туку и во целата автомобилска индустрија.
Како што привршува потрагата по нов CEO на Stellantis, така продолжува и реструктурирањето на останатите брендови во концернот. На чело на Citroën доаѓа Xavier Chardon, кој беше во Citroën од 1994 па сè до 2012, кога беше на чело на Citroën во Франција. Од таа позиција, замина во Volkswagen, за сега повторно да се врати во Citroën – и тоа на највисоката позиција.
Инаку, ова е трет нов CEO за Citroën во изминативе три години. До Март 2023 на чело на францускиот бренд беше Vincent Cobee (со кого зборувавме на лансирањето на Citroën C4 X), за потоа на неговото место да дојде Thierry Koskas (кој го запознавме на претставувањето на новиот Citroën C3), а сега на позицијата е Xavier Chardon.
Chardon ќе одговара директно пред Jean-Philippe Imparato, кој од кормилото на Alfa Romeo ја презема улогата на привремен CEO на Stellantis. Тој му се заблагодари на Thierry Koskas за неговата работа изминативе две години, за обновувањето на гамата на Citroën и за лансирањето на C5 Aircross. Истовремено, изјави дека со задоволство му посакува добредојде на Xavier Chardon на челото на Citroën.
„Неговата богата и разноврсна кариера, неговата експертиза во автомобилскиот сектор и неговото познавање на брендот ќе бидат вредни алатки при водењето на Citroën кон нови хоризонти и зајакнување на неговата уникатна позиција на пазарот“ – додаде Imparato.