ТЕСТ: Volkswagen ID.4 GTX – Што е всушност GTX? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Volkswagen ID.4 GTX – Што е всушност GTX?

Со миграцијата кој електричните возила, неизбежно беше дека на пазарот ќе пристигнат нивни верзии кои се ориентирани повеќе кон перформансите. И не, не зборуваме за електрични возила со по 1000 коњски сили.

Ајде веднаш (барем делумно) да одговориме на прашањето поставено во насловот. Што е всушност GTX? Одговорот е релативно лесен – ако GTI е ознаката за спортските верзии на моделите на Volkswagen со бензински мотори, GTD за моделите со дизелски мотори а GTE е за плаг-ин хибридните спортски варијанти, тогаш GTX е еквивалентната ознака за целосно-електричните модели. Во моментов, GTX гамата на Volkswagen ја сочинуваат ID.3 GTX, ID.4 и ID.5 GTX и големиот ID.7 GTX. А да, тука е и ID.Buzz GTX Јасно? Супер.

Што го двои ID.4 GTX од обичниот ID.4?

Бидејќи еднаш веќе го возевме целосно-електричниот ID.4, сега ќе се задржиме на деталите кои го двојат ID.4 GTX од неговата конвенционална изведба. Океј, и кои се разликите? Во однос на „обичниот“ ID.4, GTX изведбата добива уште еден електромотор. Вториот електромотор ги задвижува предните тркала, а оваа конфигурација пак му овозможува на спортскиот SUV да има погон на сите четири тркала и вкупно 299 коњски сили, односно 460 Nm вртежен момент. Преведено во перформанси, спринтот до 100 километри на час трае 6.2 секунди, додека мксималната брзина е електронски ограничена на 180 километри на час.

Секако, мораме да зборуваме малку и за „основата“. Под подот на ID.4 GTX се наоѓа прилично голема батерија со капацитет од 82 kWh, од кои се достапни 77 kWh. Платформата овозможува брзо полнење со максимална моќност до 125 kW, што пак овозможува дополнување досег од 300 километри за околу 30-тина минути.

Поврзано:  Volkswagen ја објави првата скица од најмалото ЕВ, највероајтно ќе го носи името ID.Every1

А и кога сме кај досегот – официјалните податоци зборуваат за максимален досег до 480 километри. Во реалноста е малку поинаку, но можете да очекувате досег до околу 400 километри во град, односно околу 300 километри на автопат.

Поиграјте си со режимите и се случува вистинска трансформација

Но она кое навистина изненадува кај ID.4 GTX е неговата Доктор-Џекил-Мистер-Хајд трансформација кога ќе си поиграте малку со нагодувањата. Во режим на максимален комфор, ID.4 GTX е тивок, цивилизиран, комфорен (дури и ете, малку здодевен) семеен транспортер. Но префрлете го во спортски режим на возење и нагодете ја суспензијата кон најцврстото нагодување и ID.4 GTX се трансформира во нешто сосем поинакво. Се трансформира во директен, управлив и уверливо брз (но сè уште тивок) спортски SUV.

Да, во ред, управувањето не пренесува премногу информации од подлогата, но самото управување е доволно прецизно за да можете да го поставите ID.4 онаму каде сакате на асфалтот, а тој е подготвен да ја смени насоката на движење со агилност која како да ја сокрива масата од нешто над 2100 килограми.

Од друга страна, сопирачките се доволно способни да го запрат големиот SUV без посебен приговор, дури и кога ќе налетате на серија свиоци и ќе побарате „малку повеќе“ од нив.

Инаку, ова и понатаму е практичниот, комфорен ID.4.

Инаку, кабината е слична на онаа кај обичниот ID.4, но доволно различна за да ја заслужи ознаката GTX. Веднаш се забележуваат одличните спортски седишта обвиени во кожа и алкантара, како и спортскиопт управувач. Низ кабината се проткаени грст GTX детали – од црвените контрастни шевови, до GTX ознаките на седиштата, па сè до црниот тапацир на кровот. Кабината и понатаму е комфорна, тивка и просторна, со доволно простор за да ги задоволи семејните потреби и на поголемо семејство.

Дискретни детали на екстериерот

Во однос на екстериерот, се забележува двобојната комбинација на каросеријата и кровот, но уште повеќе се забележуваат големите тркала.

Поврзано:  Volkswagen пушти нови тизери за ID.EVERY1

Екстериерот добива и црни капаци на надворешните ретровизори и дискретени GTX значки на вратите. Сè на сè – трансформацијата од ID.4 во ID.4 GTX не е драстична, но е доволна за спортската варијанта на електричниот SUV да биде препознатлива.

И сега, да одговориме на прашањето – што е всушност GTX?

И ајде сега уште еднаш да го одговориме прашањето – што е всушност GTX? Дали е само „поспортска верзија на електричен SUV“? Да, но и нешто повеќе од тоа. Со GTX моделите, Volkswagen покажува во која насока ќе се движат електричните модели кои треба да се продаваат покрај легендарната значка GTI. Одговорноста е огромна, и по она кое го гледаме, интересни нешта доаѓаат.

Спецификации

Модел: Volkswagen ID.4 GTX
Погон: Два електромотори, батерија 77 kWh, пренос кон сите четири тркала
Моќност: 299 коњски сили
Вртежен Момент: 310 Nm
Менувач: Автоматски, директен
Забрзување 0-100 км/ч: 6.2 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4582 mm
Ширина: 1852 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1614 mm
Тежина: 2149 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2769 mm
Багажен Простор: 543 – 1575 литри
Автономија: 482 километри според WLTP
380 километри (измерени)
Цена на основниот модел: Volkswagen ID.4 Pro 77 kWh – 58.764 Евра
Цена на тестираниот модел: Volkswagen ID.4 GTX 77 kWh – 78.219 Евра
Гаранција: 2 години / Неограничен број на километри
8 години / 160.000 километри на батеријата
Повеќе Информации: VW.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.