Во салонот на Audi е изложен електричниот Q4 e-tron – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Во салонот на Audi е изложен електричниот Q4 e-tron

Во салонот на Audi во Скопје од неодамна е изложен целосно-електричниот Q4 e-tron – првиот модел на Audi базиран на MEB платформата наменета за електрични возила.

Во зависност од изведбата, Q4 e-tron може да се добие со 170, 204 или 299 коњски сили. Првите две верзии се со погон на задните тркала, додека најмоќниот Q4 50 e-Tron е со погон на сите четири тркала, забрзува до 100 километри на час за 6.2 секунди и постигнува максимални 180 километри на час. Основниот модел е со батерија од 52 kWh, додека помоќните две изведби се со батерија од 77 kWh.

Со новите Q4 e-Tron и Q4 e-Tron Sportback, Audi воведе нова дизајнерска насока. Дизајнот на Q4 e-tron е нагласено футуристички, но истовремено се со помеки линии.

Тркалата се „избркани“ кон краевите на автомобилот а надвисоците се кратки. На предниот дел доминира „маската“ која ги спојува предните светла, поклопецот каде би стоела маската на ладилникот и страничните отвори на воздух, додека на задниот дел вниманието оди кон едноделниот светлосен елемент.

MEB архитектурата овозможува просторна кабина – батериите се поставени во подот, па Q4 e-Tron може да се пофали со багажник со капацитет од 520 литри. Кај овие автомобили дебитира и новиот систем на надградена реалност на Audi. Овој систем не само што проектира информации на хед-ап дисплеј, туку може да постави „стрелки“ за навигација онаму каде возачот треба да сврти. Системот симулира огромен, 70-инчен екран поставен 10 метри пред возачот.

На централната конзола е поставен нов, 11.6-инчен MMI мултимедијален екран кој е насочен кон возачот, а стандардно ќе се вградува 10.1 инчен дисплеј, како и 10.25-инчен панел со инструменти пред возачот.

Новиот Audi Q4 e-Tron доаѓа и со напреден систем за полнење. Од Audi кажуваат дека со пристап до доволно брз полнач, со само 10 минути полнење ќе се добијат дополнителни 208 километри автономија.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Audi го освежи e-tron GT, врвниот Performance има 925 коњски сили!

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.