ПРЕМИЕРА: Opel ја претстави новата Frontera – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Opel ја претстави новата Frontera

Opel го воскресна името Frontera, а новиот SUV настапува самоуверено благодарение на експресивниот и храбар дизајн, врвната практичност и ефикасните погонски опции.

„Со својата комбинација на робустен дизајн, просторност, паметни решенија и ефикасни погони, нашата нова Opel Frontera ќе биде привлечна за широк дијапазон на купувачи кои сакаат да се издвојат од толпата. Frontera е идеално погодена за урбаната и суб-урбаната околина а истовремено нуди освежувачко искуство за нашите купувачи.“ – изјави Florian Huettl, главниот извршен директор на Opel.

Секако, сите се сеќаваме на робустната Frontera која низ две генерации се продаваше од 1991 па сè до 2004. Секако, новата Frontera е значително посовремена интерпретација на дефиницијата на урбан SUV – но тоа не ја прави ништо помалку интересна. Како сите модели на Opel, новата Frontera ќе се нуди со неколку различни погонски опции – тука е целосно-електричната варијанта, но тука се и конвенционалните мотори со 48-волтна хибридна технологија. Од Opel напоменуваат дека без разлика која погонска опција ќе ја изберат, купувачите ќе уживаат во возењето благодарение на специфичното нагодување на шасијата – инженерите од Риселсхајм посветиле многу внимание на калибрацијата и типичните Opel возачки карактеристики.

Инаку, Frontera е повторно Opel – без никакво двоумење. Исправената предна силуета, Vizor маската и знакот на Opel се веднаш-препознатливи, а широкиот преден дел го нагласува робустниот став на автомобилот. Профилот е самоуверен, со нагласени предни и задни крила, но и препознатлив Ц-столб, додека на задниот дел вниманието го привлекуваат „двокатните“ задни светлосни групи, гордото име Frontera на поклопецот од багажникот и заштитните панели.

Модерниот изглед продолжува и во кабината, каде препознаваме спој на паметен дизајн и практичност. Секако, тука е целосно-дигиталниот Pure Panel кој е препознатлив за Opel, кој всушност комбинира два 10-инчни екрани – еден за возачот, еден за мултимедијалните функционалности. Opel воведува и нов систем за поврзување со мобилен телефон – откако ќе се поврзе преку специјална апликација, телефонот на корисникот може да стане панел за управување со инфозабаваниот систем, но и да прима насоки од командите на управувачот.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Новата Opel Frontera доаѓа со електричен и хибриден погон!

Предните седишта добиваат Intelli-Seat опција за уште подобрен комфор, а визуелно привлекуваат со контрастните шевови и интересните, привлечни материјали. Frontera добива и безжичен полнач за мобилен телефон, два USB конектори во предниот дел и уште два наменети за задните седишта и многу други интересни и практични додатоци. Од Opel се особено горди и на просторноста – со исправени задни седишта, Frontera нуди багажен простор од 460 литри, кој расте на импресивни 1600 литри со преклопени задни седишта. Доколку нарачате и кровни носачи, на кровот ќе можете да ставите уште дополнителни 200 килограми товар.

Opel не објавува кога ќе започне продажбата на новата Frontera, но очекуваме да пристигне во салоните во текот на оваа година.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.