ТЕСТ: BMW 520d M Sport – Дизелот и понатаму е вистинскиот избор! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: BMW 520d M Sport – Дизелот и понатаму е вистинскиот избор!

Пред неколку месеци го имавме првиот контакт со новата Серија 5, а сега на наш, домашен терен ја возиме новата лимузина на BMW – и тоа (верувале или не) во дизелска варијанта!

Извикани се гласините дека дизелот оди во историјата. Убедени сме во тоа. Сакате некаков доказ? Па еве го, и тоа во форма на огромен баварски седан со еден куп нови технологии и – уште поважно – ознака 520d на задниот дел.

Пред само неколку месеци бевме во Србија на интернационална презентација на новата Серија 5. Таму имавме можност да ја возиме електричната изведба со ознака eDrive40 која и покрај не-баш-незначителните 2.2 тони успеваше да забрза до 100 километри на час за само 6 секунди. Покрај електричната, накратко седнавме и зад управувачот на дизелскиот 520d и уште тогаш ни стана јасно дека можеби токму дизелската „Петка“ е поинтересниот избор. Зошто? Ќе се обидеме да објасниме…

Формата на Серијата 5 е безмалку купеовска

Прво ќе му посветиме малку внимание на дизајнот. Дизајнерската насока во која се движеше BMW во изминативе неколку години не беше по сечиј вкус – но продажните резултати се такви какви што се, а пред фактите и боговите молчат. BMW ги познава своите купувачи и многу добро знае какви автомобили и какви дизајни треба да испорача – и кај Петката не е поинаку.

На предниот дел најголемиот дел од вниманието оди кон огромните предни бубрези и хоризонтално-поставените тенки предни светлосни групи. Над бубрезите гордо стои значката на BMW, а во долниот дел од браникот забележуваме широки отвори за ладење на погонската единица, но и за насочување на воздухот и подобрување на аеродинамиката.

Профилот е несекојдневен – карактерната линија е ниска, рачките од вратите се скриени во каросеријата а задниот дел дискретно паѓа како што се приближува кон задните светла. Секако, и ова е во насока на аеродинамиката, а сето тоа резултира со безмалку купеовска форма на големиот седан. Од предните кон задните тркала дискретно се издигнува уште една линија која продолжува кон задниот браник, а целиот автомобил изгледа визуелно понизок благодарение на црните елементи во долниот дел од автомобилот и задниот браник.

Ако мораме да одбереме, би рекле дека највеќе ни се допаѓа задниот дел. Тенките и широки задни светлосни групи, во комбинација со дискретно-исфрлените задни крила и агресивниот M Sport заден браник резултираат со изненадувачки-доминантен, спортски став.

Поврзано:   Larte Design го стилизираше големиот BMW X6

Луксузна и опулентна кабина со сите нови технологии

Одиме внатре, каде нè пречекува луксузна, опулентна кабина. Веднаш (навистина, веднаш) паѓаат во очи спортските седишта обвиени во перфорирана црвена кожа (која сепак е вештачка, a BMW ја нарекува Veganza), кои се супер-контрастни со комбинацијата од сиви и црни материјали во кабината.

Се сместуваме во седиштето и лесно наоѓаме комфорна и ниска возачка позиција каква што и заслужува еден ваков спортски седан. Управувачот е дебел, а индустрискиот дизајн на елементите околу возачот наметнува еден сосем поинаков вид на премиум.

Секако, пред возачот се поставени дигиталните инструменти (поставени на екран со дијагонала од 12.9 инчи), кои пак се споени со дигиталниот екран (дијагонала од 14.9 инчи) наменет за инфозабавните функции и навигацијата. Под нив на централниот гребен меѓу возачкото и совозачкото седиште е кристалниот контролер за iDrive уредот, како и селекторот за пренос. Околу целата кабина се проткајува современо амбиентално осветлување, а во целата кабина преовладува чувство на квалитет и луксуз.

Во однос на технологиите, немаме никакви забелешки. Тука е одличниот систем за надградена реалност кој на екранот пред возачот во реално време проектира насоки за навигацијата, а тука се и безмалку безброј системи за асистенција и паркирање.

Немаме никаква забелешка ниту за просторот на задната клупа. Дури и повисоките патници комфорно ќе се сместат и нема да им недостасува простор ниту за нозете, ниту за главите – па комфорно ќе патуваат и кон подалечни дестинации.

Во однос на багажниот простор – новата Петка е во рамките на очекувањата за сегментот. Багажникот е достапен преку прилично голем отвор, а на располагање ќе имате капацитет од 520 литри. Доколку е потребно, задната клупа се преклопува со повлекување на рачки поставени во багажникот.

Поврзано:   Flow Nostokana е најновата арт инсталација на BMW и Esther Mahlangu

Моќен и ефикасен турбодизел со 197 коњски сили

Океј, сега е време да зборуваме за моторот. Да, дизелот. Под предниот поклопец се крие 2-литарски турбодизел со лајт-хибридна компонента кој испорачува вкупно 197 коњски сили при 4000 вртежи во минута и одлични 400 Nm во распон од 1500 па сè до 2750 вртежи во минута. Надолжно поставениот мотор ја испорачува силата кон задните тркала преку Steptronic автоматски менувач со 8 степени на пренос, а резултат на сето тоа е спринт до 100 километри на час за 7.3 секунди и максимални 228 километри на час.

И интересното е дека моторот сосем лесно го задвижува големиот баварски седан – и покрај масата од нешто над 1800 килограми. Тоа е особено изразено во Sport режим на работа, каде одизвот на притискање на педалата за гас е подиректен и побрз. Потрошувачка? Возете како сакате, просечната потрошувачка нема да надмине 7.5 литри на 100 изминати километри. На автопат е и значително пониска.

Кога сме кај Sport режимот – не само што одзивот на педалата за гас е подобар, туку и управувањето добива повеќе отпор, а со тоа се подобрува прецизноста. Од свиок во свиок, Серијата 5 успешно ги крие димензиите и килограмите и јасно ги истакнува своите гени. Суспензијата не дозволува навалување, а од друга страна влева доверба во можностите на големиот седан.

Серијата 5 одлично крстосува на автопат, но во свој елемент е на кривулест пат со долги свиоци

И вистината е дека Серијата 5 е комфорен и мирен крстосувач, подготвен лесно да помине стотици и илјадници километри без никаков приговор. Од друга страна, лесно се снаоѓа во градскиот метеж, каде успева безмалку беспрекорно да ги исфилтрира и помалите и поголемите дупки од нашите улици. Но каде е навистина во својот елемент? Би рекле на кривулест пат со долги свиоци, каде може да игра баварски балет од свиок во свиок без воопшто да се вознемири или да изгуби рамнотежа. Беспрекорно контролираната каросерија Ве охрабрува да возите посамоуверено и да ги истражувате границите. А границите? Не е лесно да се достигнат, но во оној момент кога ќе претерате, ќе добиете контролирано надуправување – како што и му прилега на спортски седан.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: BMW M4 CS - Малку поцивилизиран CSL!

И сега, зошто сметаме дека дизелот е вистинскиот избор? Па, во основа – ваквиов мотор му прилега на еден ваков седан. Моторот работи исклучително рафинирано и не пренесува никакви вибрации во кабината – како што и очекуваме за еден премиум седан. Од друга страна, моторот е доволно моќен и доволно економичен за безмалку сите потреби и поминување 1000 километри на отворен пат со полн резервоар не би требало да биде никаков проблем. А Серијата 5 припаѓа на отворен пат.

Новата Серија 5? Па таа Серија 5!

Серијата 5 секогаш била уверлива и секогаш била на самиот врв на својот сегмент. Германските производители се натпреваруваат во тоа кој ќе понуди повеќе технологии, но вистинските гени кога-тогаш излегуваат на виделина. А новата Серија 5? Па таа е Серија 5.

Спецификации

Модел: BMW 520d M Sport
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 197 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 400 Nm / 1500 – 2750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски Steptronic, 8 брзини
0-100 км/ч: 7.3 секунди
Максимална Брзина: 228 километри на час
Должина: 5060 mm
Ширина: 1900 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1515 mm
Тежина: 1830 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2995 mm
Багажен Простор: 520 литри
Потрошувачка: 7.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: BMW 520d – 71.700 Евра
Цена на тестираниот модел: BMW 520d M Sport – 94.870 Евра
Повеќе Информации: BMW.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.