Луѓето ја сакаат Fiat Panda – Fiat им го дава на луѓето она кое го сакаат! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Луѓето ја сакаат Fiat Panda – Fiat им го дава на луѓето она кое го сакаат!

Fiat објави дека тековната Panda ќе остане во прозводство најмалку до 2027, а со новата специјална Pandina ја надградуваат Panda со нови технологии и нови безбедносни системи.

Новата Fiat Pandina е специјална изведба од тековната Panda која низ годините веќе доби технолошки надградби. Беа воведени лајт-хибридни мотори, модерни инфозабавни системи и беа претставени разни специјални верзии, но најновата надградба се концентрира на новите технологии како и на новите безбедносни системи.

И додека ја чекаме новата, целосно-електрична Panda, Fiat објави дека производството на тековниот модел ќе продолжи во Giambattista Vico фабриката во Pomigliano d’Arco во јужна Италија – и тоа најмалку до 2027 година. На што се должи ова? На неодамнешниот зголемен интерес на купувачите поради кој Fiat не само што ќе продолжи да ја произведува Panda, туку и го зголеми производството за 20 проценти!

Кај Pandina дел од стандарданта опрема ќе биде систем за автоматско сопирање во итни случаи, систем за следење на коловозната лента, систем за препознавање замор кај возачот, систем за препознавање на сообраќајните знаци како и систем за автоматско контролирање на долгите светла. Дополнително, Pandina ќе доаѓа со темпомат, задни паркинг сензори и вкупно шест воздушни перничиња.

Технолошките надградби продолжуваат во кабината, која добива нов 7-инчен дигитален инструмент-панел со три различни режими на работа. Понатаму, кабината добива и нов 7-инчен инфозабавен систем, бела централна конзола и редизајниран управувач. Од Fiat напоменуваат дека кабината добива и нови седишта обвиени во Seaqual материјал, двојни жолти шевови и Pandina лого на наслонот.

Екстериерот го добива робустниот лик на Panda City Cross, но добива и неколку интересни засебни детали – ги забележуваме жолтите капаци на страничните ретровизори, а специјално Panda лого добиваат и централните капачиња на тркалата.

Инаку, името Pandina доаѓа од прекарот кој Panda го доби од сопствениците во Италија. Покрај постоечките Gelato White, Cinema Black, Passione Red и Italia Blue, во понудата е достапна и нова Positano Yellow боја, а достапни се и двобојни комбинации кои ќе добијат црн кров.

Поврзано:   Fiat најавува пет нови модели со пет супер-креативни концепти!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.