Најновото издание на Abarth е 695 75° Anniversario – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Најновото издание на Abarth е 695 75° Anniversario

По повод прославата на 75-годишнината на Abarth и неговиот 1,4-литарски T-Jet мотор, ќе бидат направени само 1.368 примероци од италијанскиот хот-хеч.

Иако Abarth почнаа со тјунирање на електричните Fiat 500e и 600e, тие сè уште не се откажуваат од бензинските верзии. Најновиот модел, соодветно наречен 695 75° Anniversario ја одбележува 75-годишнината од брендот и истиот се обидува да го освежи автомобилот кој дебитираше пред 16 години.

Спортскиот хот-хеч добива ексклузивни тркала од 17 инчи со златен финиш, а истата тематика се проширува и со каросериските стикери. Покрај тоа, покривот добива и масивен мотив на скорпија, завршен во истата златна боја. Вертикално наредените издуви Record Monza со активен вентил за менување на звукот се истите што беа вградени во познатиот Abarth F595 од 2021 година.

Моторот е веќе докажаниот 1,4-литарски турбо-бензинец кој произведува 180 коњски сили и 250 Nm вртежен момент, кој преку преку петстепениот мануелен менувач ги придвижува предните тркала. Ова класично поставување овозможува спринт од 0 до 100 км/ч за 6,7 секунди и максимална брзина од 225 км/ч.

Иако Abarth обвитка дел од контролната табла во алкантара и вгради карбонски седишта со жолти шевови, сепак во кабината се препознаваат годините на моделот. За секојдневното возење, тука се автоматската климатизација, 7-инчниот екран со поддршка за Apple CarPlay и Android Auto и звучниот систем Beats. Abarth 695 75° Anniversario ќе биде достапен подоцна годинава, а со цената би требало да се позиционира под електричниот модел 500e.

 



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!