ПРЕМИЕРА: Новиот Dacia Duster добива посамоуверен изглед и хибриден погон! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Dacia Duster добива посамоуверен изглед и хибриден погон!

Третата генерација на најпродаваниот SUV во Европа пристигнува со нов дизајн и надградена технологија

Откако оригиналниот Duster беше лансиран пред 13 години, Dacia успеа да продаде повеќе од 2,2 милиони примероци. Од 2018 година, Duster се здоби со титулата најпродаван SUV во Европа со речиси 1.000 произведени единици дневно во фабриката во Питешт, Романија.

Новиот Duster го прецртува дизајнот на концептот Bigster на Dacia, претставен на почетокот на 2021 година. Иако е речиси со иста должина како и неговиот претходник, сепак се работи за модел од следната генерација со елементи од платформата CMF-B. Покрај поголемиот простор за патниците на задната клупа, зголемен е и багажниот простор на повеќе од солидни 472 литри.

Намерата на Dacia како и до сега е да испорача издржлива кабина со минимални трошоци. Внатрешноста е едноставна и генерално изработена од тврда пластика. Вградените технологии сепак не се за потценување. Меѓу другите, на списокот се најдоа: 7,0-инчна дигитална инстумент табла, 10,1-инчен екран на допир, четири осветлени USB приклучоци, безжично полнење на телефони и поддршка за Android Auto и Apple CarPlay. За поздрав е користењето на конвенционални копчиња на воланот и клима уредот како и стандардниот потпис на Dacia – држачот за мобилен телефон.

За новиот Duster, Dacia реши да го пензионира докажаниот 1,5-литарски dCi на Renault. Од моторите со внатрешно согорување, тој ќе се нуди со 1,2-литарски TCe со 130 коњски сили со шестстепен мануелен менувач, со погон на предни или на сите тркала.

Најважната новина во однос на погонските единици е усвојувањето на хибридната опција наследена од караванот Jogger. Таа комбинира атмосферски 1,6-литарски мотор со два електрични мотори, батерија од 1,2 киловат-часови и автоматски менувач. Duster Hybrid 140 поддржува регенеративно сопирање и неговиот погон секогаш започнува во електричен режим. Dacia тврди дека потрошувачката на гориво просечно е намалена за 20 проценти, односно 40 проценти при возење во градски услови.

Моделот од третата генерација треба да се појави во продажба следната година а цените допрва треба да бидат објавени. На таа тема Dacia вети дека како и досега, Duster ќе ги има „најпристапните цени во својот сегмент“.

Поврзано:  Dacia Sandero е најпродаван автомобил во Европа во првата половина од годинава


Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!