Lamborghini Huracan STO добива лимитирано тркачко издание – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Lamborghini Huracan STO добива лимитирано тркачко издание

Создаден за да одбележи една деценија на одделот за моторспорт Squadra Corse, Huracan STO SC 10° претставува еднократна верзија дизајнирана од одделот за персонализација Ad Personam.

Lamborghini повеќе не прима нарачки за Huracan бидејќи планираниот производствен циклус е веќе распродаден. Сепак, тоа не го спречи италијанскиот бренд да ни претстави единствено специјално издание кое воопшто нема да се појави на пазарот.

Huracan STO SC 10° е облечен во варијанта со зелена (Verde Mantis) и црна (Nero Noctis) боја, двобојна шема која е инспирација од тркачкиот хиперавтомобил SC63 на Lamborghini и Ligier. Впечатливиот финиш е надополнет со логоа на вратите и мотив на тркачкиот оддел Squadra Corse над капакот на моторот.

Црно-зелената тема продолжува и внатре, каде што седиштата се обвиени во црна алакантра со контрастни зелени шевови. Заокружувајќи ги измените е плочата од јаглеродни влакна поставена на задниот ѕид со која се нагласува ексклузивноста на возилото.

Иако сите овие промени се чисто козметички, сепак присутни се и мали хардверски модификации. Напред, хаубата има нови линии со кои се зголемува надолната сила, а назад, големиот спојлер сега е поставен три степени повисоко за да го држи STO уште позалепен на патот.

Покрај овие измени, автомобилот дополнително има четиринасочни прилагодливи амортизери, специјални Bridgestone гуми и титаниумски издув со кој V10 моторот со неговите 631 коњски сили добива уште попривлечен саундтрак.



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!