Двоен роденден – 75 години Citroën 2CV и 25 години 2CV Клуб Скопје! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Двоен роденден – 75 години Citroën 2CV и 25 години 2CV Клуб Скопје!

Викендов прославивме два интересни и поврзани родендени – не само што го прославивме 75-тиот роденден на незаменливиот Citroën 2CV, туку го прославивме и 25-тиот роденден на Клуб Спачек од Скопје!

Верувале или не, легендарниот Citroën 2CV постои веќе 75 години. Пред 75 години Citroën го претстави својот легендарен 2CV – кај нас во регионот познат како Спачек. Името 2CV означува дека моделот имал (дури) две коњски сили. За време на втората светска војнa TPV проектот врз кој бил изграден оригиналниот 2CV бил скриен од Нацистите поради страв дека може да биде искоритен во воени цели, но затоа по крајот на втората светска војна го добиваме незаменливиот, препознатлив 2CV.

Инаку, дел од дизајн-брифот за 2CV била инструкцијата дека автомобилот мора да има комфорна суспензија која ќе успее да ги следи контурите на подлогата и да го изолира возилото од нерамнините. Всушност, 2CV требало да може да пренесе корпа со свежи јајца преку изорано поле без да се скрши ниту едно јајце – и тоа при прилично висока (за тие времиња) брзина. Сето ова дозволило 2CV да може комфорно и безбедно да вози преку уништените патишта во пост-воена Франција. Се надеваме дека сега е јасно зошто токму комфорот е една од дефинирачките карактеристики на секој Citroën.

И токму во чест на 2CV викендов го прославивме 75-тиот роденден на малиот легендарен француски автомобил, но и 25 години од основањето на скопскиот клуб на пријатели на 2CV. Се дружевме во рамките на македонскиот импортер на францускиот бренд – Автонова – каде фановите имаа можност да ги изложат своите автомобили, но и да ги погледнат новите возила кои Citroën ги нуди, а потоа заминавме во Паркот на Франкофонијата каде скопјани имаа можност одблиску да ги погледнат возилата кои и покрај забот на времето сè уште се движат по нашите улици.

За време на прославата, претседателот на клубот, Љупчо Унковски им се обрати на сите присутни и на сите учесници на изложбата и нагласи дека љубовта кон Спачекот ги соединува сите бидејќи ваквите автомобили покажуваат дека и старите автомобили имаат да понудат нешто интересно, магично и незаменливо. Среќен роденден 2CV, среќен роденден Клуб Спачек!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.