ТЕСТ: MG Motor MG4 Comfort – Ги надминува сите очекувања! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: MG Motor MG4 Comfort – Ги надминува сите очекувања!

Кога еден автомобил ќе успее толку убедливо да ги надмине сите очекувања, тогаш го заслужува сето внимание кое му е посветено. Токму таков автомобил е новиот, целосно-електричен MG4.

Ќе ја започнеме дискусијата за MG4 со еден многу важен податок – а тоа е дека престижните автомобилски медиуми од Обединетото Кралство го прогласија токму MG4 за Автомобил на Годината за 2023 во Обединетото Кралство. И тоа зборува многу. Ама навистина многу.

Кога го возевме плаг-ин хибридниот MG EHS кажавме дека пристапот на SAIC со британскиот бренд е храбар, трендовски и технолошки. Храбар, затоа што воскреснува бренд кој има огромна историја и фанатични обожуватели, трендовски заради тоа што на пазарот го нуди токму она што се бара, и технолошки заради напредните технологии кои се вградуваат во автомобилите. И всушност, тоа не е никаде толку вистинито како кај MG4.

MG4 е развиен да биде глобален модел, но примарно е фокусиран на пребирливиот европски пазар. Основа за MG4 е Modular Scalable Platform (MSP) платформата на SAIC, а MG4 е од самиот почеток замислен и развиен како електричен автомобил. Можете да одберете меѓу две батерии – едната со капацитет од 51 kWh, другата со капацитет од 64 kWh. Во зависност од батеријата, ќе добиете електромотор кој кон задните тркала испорачува 170 или 204 коњски сили, а како што неодамна објавивме веќе се планира и хот хеч верзија со погон на сите четири тркала и 435 коњски сили!

Она за кое ние ќе зборуваме денес е верзијата со батерија со капацитет од 64 kWh и електромотор со моќност од 204 коњски сили и 250 Nm вртежен момент, во средното Comfort ниво на опрема. Златна средина.

Несекојдневен, забележителен дизајн.

Првиот контакт со MG4 е интересен. Дизајнот е несекојдневен, но истовремено интересен и привлечен. Предниот дел го дефинираат острите предни светла и заострениот преден дел. Во браникот се поставени странични отвори за воздух а во долниот дел се поставени активните аеро компоненти кои придонесуваат или кон подобро ладење, или кон подобрена аеродинамика (односно подобрена автономија).

Профилот е типичен за еден хечбек, но со неколку интересни детали. На пример, Ц-столбовите се црни, па кровот изгледа како делумно да лебди, а црната пластика во долниот дел на вратите го прави MG4 да изгледа понизок. Крилата кријат 17-инчни тркала обвиени во Continental PremiumContact C пневматици специјално развиени за електрични и хибридни возила. Број поголеми тркала сигурно би изгледале подобро, но тоа најверојојатно негативно би се рефлектирало на ефикасноста на погонот.

Поврзано:  MG го претстави новиот HS

Задниот дел ни е најверојатно најинтересен, со слоевито-поставени елементи кои ја потенцираат ширината на автомобилот и динамичните каратеристики. Светлосните елементи се интегрирани во едноделен панел, а на тој панел е поставен и дискретен заден спојлер. Динамичноста на задниот дел ја заокружува пластичниот панел во долниот дел од браникот.

Минималистичка, квалитетна кабина со хај-тек решенија

Кабината е минималистичка и технологиите го имаат главниот збор. Ја отвораме вратата и нè пречекуваат комфорни седишта и одлична, прегледна возачка позиција. Пред возачот е поставен управувач кој е обвиен во квалитетна кожа, а зад него се крие мал дисплеј на кој се прикажуваат најважните информации. На централната конзола е поставен поголемиот дисплеј со дијагонала од 10.25 инчи преку кој се контролираат сите функционалности. Физички контроли скоро и да нема, освен неколку кратенки поставени под екранот.

Централниот дисплеј реагира брзо на сите команди, но ќе забележиме дека има одредена крива на учење на функционалностите. На пример, одбирањето на режим за возење се прави преку екранот, односно мало „лутање“ низ неколкуте менија во него. Ваквите работи полесно би се пристапувале преку некакво физичко копче – но бидејќи се работи за софтвер, се надеваме дека  ќе бидат подобрени во иднина.

Поврзувањето со мобилен телефон е лесно, а мултимедијалниот уред има поддршка за Android Auto и Apple Carplay интеграција. Тука се и неизбежните USB приклучоци за полнење, како и многуте места за одлагање ситници низ кабината.

Она што изненадува е опипливиот квалитет во кабината – без никаков проблем би го споредиле MG4 со неговите европски и јапонски конкуренти. Материјалите се квалитетни и меки, вратите се затвораат со тивок, придушен звук и во целата кабина преовладува чувство на квалитет и внимание кон деталите.

Поврзано:  MG го претстави новиот HS

Немаме забелешки ниту за просторната понуда на задната клупа – тука комфорно ќе патуваат двајца патници, а по потреба и кон поблиски дестинации би собрало и тројца. Кон багажникот се пристапува преку гоооолема петта врата, а самиот багажник е со капацитет од 363 литри, односно 1177 литри со преклопена задна клупа.

Динамичност која изненадува!

Во ред, време е да возиме! Стартувањето е лесно бидејќи всушност нема стартување. Само влегуваме во MG4, седнуваме на возачкото седиште и кружниот контролер го префрламе во D, односно Drive – и веќе сме подготвени да тргнеме.

Првите впечатоци во возење го потврдвуаат иницијалното мислење – во кабината на MG4 е тивко и комфорно. Лесно се движиме низ градскиот метеж – прегледноста е задоволителна, управувањето е лесно. Маневрирањето и паркирањето го олеснуваат сензорите за паркирање, но би посакале и задна паркинг-камера.

Вистинското изненадување во сето ова е динамичноста на MG4. Да, погонот на задните тркала значи нешто – задниот дел е подготвен (контролирано, секако) да пролизга, а инстантната достапност на тие 204 коњски сили и 250 Nm вртежен момент значи дека забрзувањето во сите ситуации е без никакво колебање.

Ниското тежиште (поради батериите и бидејќи ова сепак не е SUV) и идеалната 50-50 дистрибуција на тежина го прават MG4 да се ондесува како (голем) електричен картинг. Ставете вo Sport режим и управувањето станува нијанса потешко и уште подиректно а реакцијата на педалата за „гас“ (гас, не е баш гас кај електрично возило нели?) уште побрза – и MG4 изнудува насмевки. Всушност, седејќи зад управувачот на MG4, неколкупати се кикотевме како мали дечиња.

Бројките зборуваат за забрзување од 0 до 100 километри на час за 7.9 секунди, како и максимална брзина од 160 километри на час. Максималната брзина можеби и не е толку импресивна, но забрзувањето во реалноста е многу поефективно од она кое официјалните бројки го зборуваат. Да, секојдневно возиме автомобили кои се можеби и побрзи „на хартија“ – но тие бројки се постигнуваат во идеални, да не речеме контролирани услови. Кај електричните автомобили перформансите се достапни секогаш, во сите услови и секогаш се лесно-повторливи. А тоа ги прави – барем според нас – особено привлечни.

Поврзано:  MG го претстави новиот HS

Задоволителен опсег, евтино возење

Е сега, каков е опсегот на MG4? Официјалните податоци зборуваат за автономија од околу 450 километри според WLTP. За неколкудневното тестирање ние успеавме да измериме автономија од околу 400 километри, односно просечна потрошувачка од само 16.2 kWh на 100 километри. Преведено во пари, тоа значи дека ако го полните MG4 во домашни услови на „евтина струја“ – 100 километри ќе ве чинат само 72 денари.

На отворено при брзина од 120 километри на час, измеривме потрошувачка од 19.6 kWh, што пак значи дека со полна батерија MG4 би требало да помине околу 330 километри.

Ако MG4 е најава за иднината на MG Motor, тогаш…

И всушност, тука го објаснуваме нашиот став – MG4 успеа да ги надмине сите очекувања кои ги имавме. Храбриот дизајн и моќниот и ефикасен погон се само надополнети од квалитетната кабина и напредните технологии. MG4 е вистинска закана за постоечките европски модели и има зошто британците го прогласија за автомобил на годината.

Ќе ја заокружиме дискусијата за MG4 со ставот дека MG успеа да направи интересен, храбар автомобил кој успева да биде поевтин од неговите директни конкуренти без да се чувствува дека нешто е „скратено“. MG4 е забавен за возење, евтин за експлоатирање и врвно-опремен. Ако ова е најава за иднината на MG – иднината изгледа одлично!

Спецификации

Модел: MG Motor MG4 Comfort
Погон: Електромотор, батерија 64 kWh, пренос кон задните тркала
Моќност: 204 коњска силa
Вртежен Момент: 250 Nm
Менувач: Автоматски, директен
Забрзување 0-100 км/ч: 7.9 секунди
Максимална Брзина: 160 километри на час
Должина: 4287 mm
Ширина: 1836 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1504 mm
Тежина: 1685 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2705 mm
Багажен Простор: 363 – 1177 литри
Автономија: 450 километри според WLTP
400 километри (измерени)
Цена на основниот модел: MG Motor MG4 Standard 51 kWh – 33.900 Евра
Цена на тестираниот модел: MG Motor MG4 Comfort 64 kWh – 37.990 Евра
Повеќе Информации: MGMotor.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.