ТЕСТ: MG EHS Plug-in Hybrid Luxury – Нов играч на пазарот! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: MG EHS Plug-in Hybrid Luxury – Нов играч на пазарот!

Препознатливиот британски бренд се реинкарнира под ново водство, со нови технологии и нов пристап кон нештата – па седнавме зад управувачот на плаг-ин хибридниот EHS да видиме што може да понуди MG!

Со оглед на трансформацијата низ која поминува автомобилската индустрија, не сме воопшто изненадени што седнуваме зад управувачот на MG. Да, да, MG – знаете, оној британскиот бренд „од времето“, познат по мали, компактни спортски автомобили кои на обичните купувачи им нудеал барем малку од престижот на аристократските брендови со потекло од Обединетото Кралство.

Сега работите се малку поинакви – британската авто-индустрија е цврсто во раце на странски „газди“, кои пак преку инфузија на финансии и слобода да се истражуваат нови сегменти и нови идеи им овозможија на овие стари брендови да се трансформираат, повторно да го откријат својот стил и да продолжат да живеат. Слична е приказната и со MG – откако „стариот“ MG пробуваше (со каков-таков успех) да се реинкарнира преку соработки со неколку надворешни партнери, во 2005 во приказната се вклучи кинескиот гигант SAIC кој ги имаше ресурсите и времето потребни за успешно воздигање на еден бренд.

Сега, повеќе од 15 години подоцна (и по неколку модели лансирани во Европа со цел да се одржи интересот за брендот) конечно пред нас е следната генерација на модели на MG Motor – модели каде пристапот е храбар, трендовски и технолошки – и почнуваме со дискусија токму со еден од најинтересните модели – плаг-ин хибридниот MG EHS PHEV.

EHS е достоинствен, привлечен SUV.

Првиот контакт со EHS е интересен – ова е достоинствен, убав SUV. Дизајнот истовремено современ, но и ненаметлив. Нема вулгарни детали ниту агресивни, „види ме, види ме!“ линии. EHS е дизајниран да се вклопи во сликата на европска мобилност – привлечно пропорциониран, со адекватно-димензионирани стаклени елементи и соодветно-големи тркала. На предниот дел доминираат широката предна маска на ладилникот и светлосните групи, како и светлата за магла поставени длабоко во браникот. На средината на предната решетка гордо стои знакот на MG – ова е автомобил кој се гордее со потеклото.

Профилот е типичен за SUV, а површините се чисти и јасни. Ни се допаѓа издигнувачката линија на долниот раб на прозорците која нa EHS му дава доза на динамичност. На задниот дел вниманието повторно оди кон значката на MG, но потоа ги забележуваме и останатите детали – светлата се широки и јасни а хоризонталните линии ги нагласуваат дарежливите димензии на EHS.

Ни се допаѓаат и завршетоците од издувниот систем кои се интегрирани во долниот дел од браникот. Сè на сè – EHS не е најмодерниот SUV на пазарот, но истовремено нуди дизајн кон нема да изгледа застарено ни по неколку години на пазарот.

Поврзано:   Разгледајте и пробајте ги возилата на MG Motor и Chery, тест-караванот патува низ Македонија!

Ентериерот на EHS крши стереотипи

Одиме внатре! Ја отвораме возачката врата и нè пречекува ентериер кој уште на прв поглед крши стереотипи и изгледа навистина привлечно. Седиштата се обвиени во кожа и барем на прв поглед сите површини се покриени во квалитетни материјали со привлечна текстура. Управувачот е обложен во делумно перфорирана кожа, а директно пред него се дигиталните инструменти поставени на дисплеј со висока резолуција.

Се сместуваме во возачкото седиште и иако седиштето е комфорно, би сакале да може да се седи нијанса пониско. Ергономијата е генерално задоволителна – сите команди се онаму каде очекуваме да бидат и функционираат прилично интуитивно. Главната забелешка која ја имаме е на мултимедијалниот уред во кабината – функционалностите се таму, но сепак самиот уред функционира со одредено задоцнување и има „лаг“ од неколку секунди по секое притискање на екранот.

Сигурни сме дека овој проблем ќе биде решен со софтверска надоградба во иднина, а за пофалба е фактот дека доаѓа со можност за Android Auto или Apple CarPlay поврзување (за жал не безжично) кое во голема мера ќе го реши овој недостаток.

Инаку, навистина ни се допаѓа двобојната комбинација во ентериерот, како и самите седишта, кои се обвиени во кожа и делумно во алкантара. Амбиентот го подигнуваат и отворите за вентилација и сличните ситни детали. Во кабината – како на предните, така и на задните седишта – доминира светлината благодарение на огромниот сончев кров.

На задните седишта има многу место – сигурно како во класа поголем автомобил. Седењето е комфорно и на подолги релации благодарение на убаво налегнатиот заден дел на задната клупа, а секако тука е и средишниот наслон кон функционира и како отвор за скии доколку сте фан на зимските спортови.

Поврзано:   Разгледајте и пробајте ги возилата на MG Motor и Chery, тест-караванот патува низ Македонија!

Приказната за просторноста и практичноста ќе ја заокружиме со багажниот простор. Багажникот е достапен преку гооолема петта врата, па внесување и поголеми предмети не би било проблем. Самиот багажник е со капацитет од 438 литри, односно 1375 литри со преклопени задни седишта.

Плаг-ин хибрид кој директно одговара на современите побарувања

Интересно е што првиот модел од MG кој „ни падна во раце“ е токму технолошкиот знаменосец на хибридната понуда на брендот. Под кожата на EHS се крие плаг-ин хибриден погон кој комбинира 1.5-литарски T-GDI турбо-бензинец кој испорачува 160 коњски сили и 250 Nm вртежен момент, со електромотор и батерија со капацитет од 16.6 kWh кои нудат дополнителни 120 коњски сили и 230 Nm вртежен момент.

Сето ова резултира со системска моќност од 255 коњски сили и 370 Nm вртежен момент кои се пренесуваат кон предните тркала преку 10-брзински автоматски менувач. Сето ова резултира со прилично уверливо забрзување до 100 километри на час кое трае само 6.9 секунди, како и максимални 190 километри на час.

Секако, не смееме да заборавиме ниту на возењето на електрична енергија. Официјалните податоци зборуваат автономија на електрична енергија од околу 52 километри, ние успеавме да поминеме нешто помалку – околу 45 километри. Доколку редовно ја полните батеријата, односно тие 45 километри ви се доволни за дневните потреби – тогаш EHS нема воопшто да троши бензин. Комбинирајте ги обете погонски единици и очекувајте потрошувачка од околу 4 литри на 100 изминати километри. Што ако целосно ја испразните батеријата? Тогаш задолжен за задвижување на EHS ќе биде 1.5-литарскиот турбо-бензинец и можете да очекувате потрошувачка од околу 9 до 9.5 литри на 100 изминати километри.

Интересна е одлуката на инженерите на EHS да ги избегнат многуте селектори за режим на возење – можете да возите хибридно, или на струја, и да одлучите да можете да ја потрошите целосно батеријата, или пак да задржите 50% од полнењето за возење низ гради. Но инаку – сведено е на минимум, и можеби тоа е добра работа, особено за корисниците кои не сакаат „да се замараат“ со таквите опции.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Ова е новиот MG3

Инаку, EHS се однесува како што би очекувале да се однесува еден ваков SUV. Успешно ги филтрира нерамнините од патиштата и наметнува опуштен, флуиден стил на возење. Немаме никакви забелешки ниту на управувањето ниту на комфорот во кабината. Ќе ги пофалиме Michelin пневматиците со кои беше опремен нашиот тестен EHS.

Нема втора шанса за прв впечаток, а првиот впечаток од MG и EHS е особено позитивен.

Сè на сè, впечатокот кој се наметнува е охрабрувачки, и како вели поговорката – нема втора шанса за прв впечаток. Првиот впечаток од EHS е позитивен – зборуваме за модерен SUV кој ќе ги исполни очекувањата на купувачите – како по поглед на дизајнот, така и во поглед на погонот и технологиите во кабината. EHS ги нуди сите оние системи за безбедност и асистенција кои ги очекуваме од модерните автомобили, без притоа да биде изнудувачки скап.

Стратегијата на SAIC да понуди современи модели под позната, европска значка се покажува како успешна – за време на неколкудневното тестирање на EHS, впечатоците кои ги остави кај нас, но и кај минувачите беа универзално позитивни. MG влегува на пазарот низ предната врата!

Спецификации

 

Модел: MG EHS Plug-in Hybrid Luxury
Погон: 1.5-литарски турбобензинец, 4 цилиндри
Батерија: 16.7 kWh
Моќност (МВС): 160 коњски сили / 5900 вртежи во минута
Вртежен Момент (МВС): 250 Nm / 1700 вртежи во минута
Моќност (Електромотор): 120 коњски сили
Вртежен Момент (Електромотор): 230 Nm
Системска Моќност: 255 коњски сили / 5900 вртежи во минута
Системски Вртежен Момент: 370 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
0-100 км/ч: 6.9 секунди
Максимална Брзина: 190 километри на час
Должина: 4574 mm
Ширина: 1876 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1685 mm (со кровни носачи)
Тежина: 1737 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2785 mm
Багажен Простор: 438 – 1375 литри
Потрошувачка: 4.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: MG EHS Plug-in Hybrid Luxury – 42.900 Евра
Цена на тестираниот модел: MG EHS Plug-in Hybrid Luxury – 42.900 Евра

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.