Одговорниот за UX во Mercedes-Benz застанува во одбрана на големите екрани во автомобилите – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Одговорниот за UX во Mercedes-Benz застанува во одбрана на големите екрани во автомобилите

Во разговор со магазинот Car Design News, одговорниот за дизајн на кориснички искуства во Mercedes-Benz објаснува зошто застанува во одбрана на сè поприсутните големи екрани во автомобилите – особено огромниот Hyperscreen во некои модели на германскиот бренд.

„Екранот е како терен за игра – колку е поголем екранот, толку повеќе можете да направите. Визуелниот елемент не е сè, остатокот е позади екранот“ – изјавува Klaus Frenzel, кој ја носи титулата Директор за Корисничко Искуство (UX) во Mercedes-Benz. Тој додава дека „комбинацијата на овие два елементи ја прави разликата.“

Интересно, тој додава дека големината на екранот не е единствената работа која е важна и нагласува дека производителите мораат да ги земат предвид и звучните елементи, гласовната интеракција, но и други елемент и сите тие мораат да работат заедно за да испорачаат добар продукт кон купувачот.

„Само голем екран не испорачува никакво искуство. Ако гледате филм без звукот, филот е некако мртов – иако екранот е истиот. Сè заедно испорачува целосно, холистичко искуство.“ – објаснува тој. Сепак, ние би додале дека во автомобилите не гледаме филмови, барем не возачот и совозачот.

Истовремено напоменува и дека UX тимот мора цело време да соработува со UI тимот за да бидат сигурни дека екранот работи како што треба, но и дека мораат да комуницираат со дизајнерите бидејќи Hyperscreen ја пресликува маската на електричните EQ возила на Mercedes-Benz.

Сепак, тој напоменува една многу важна работа, а тоа е дека е лесно тимот да претпостави дека системот е лесен за користење – но само поради тоа што работат на него веќе долго време и едноставно се навикнати на него.

„Може да биде опасно во рамките на една компанија кога се развиваат овие работи, бидејќи луѓето кои работат на ова можат да помислат дека на корисниците ќе им биде лесно да го разберат системот – токму бидејќи тимот кој работел на системот, работел на него со години. Тие не можат да замислат дека некој не би го разбрал системот. Но ако одлетате во друг град и влезете во изнајмено возило треба да можете да го стартувате автомобилот за 20 секунди да знаете како да ги користите најважните функции.“

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Електричниот Mercedes-Benz G-Class го има сиот вртежен момент на светот!

На самиот крај, признава дека на дизајнерите самата помисла дека „отишле предалеку со мултимедијални системи чувстителни на допир“ им е невозможна, но и дека од аспект на безбедноста ова не е толку идеално и дека мора да се најде иделната рамнотежа.

Ние ги цениме сè понапредните мултимедијални уреди во автомобилите – особено можностите за лесно поврзување со паметни телефони и надворешни уреди. Но сепак сметаме дека контролите за најважните функционалности – како на пример гласноста на аудио уредот, нагодувањата за клима-уредот и слично – треба да бидат физички и да можат да се користат без тргање на погледот од патот. Сите други „решенија“ – како на пример гласовни контроли, гестикулации со раце, и слично – се само наметнато решение за проблем кој претходно не постоел.

Извор и насловна фотографија: Car Design News



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.