ПРЕМИЕРА: BMW ги претстави новата „Петка“ и целосно-електричниот i5! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: BMW ги претстави новата „Петка“ и целосно-електричниот i5!

Новата Серија 5 на BMW во својот сегмент воведува технологии кои досега беа резервирани само за најскапите автомобили а на самиот врв е електричниот i5 М60 xDrive кој испорачува преку 600 коњски сили!

Исто како и многу други понови модели на BMW, на прв поглед новата „Петка“ изгледа контроверзно, но има логика позади лудилото на дизајнерите на BMW. Дизајнот на новата Серија 5 е воден од ефикасноста, која е пресудна за електричните модели. На предниот дел забележуваме предни светла кои се широки но и се издигнуваат нагоре (како кај некои X-модели на BMW), како и голема (но не преголема) едноделна (и осветлена) предна решетка.

Под неа е длабокиот црн елемент, како и страничните отвори за воздух. Профилот е издолжен (Серијата 5 сега е подолга од 5 метри) со комплексни прекршени површини и опаѓачки заден дел (во насока на подобрена аеродинамика). Највеќе ни се допаѓа задниот дел кој презема дизајнерски елементи од новата Серија 7, но изгледа подобро од својот поголем брат бидејќи регистерската табличка е меѓу задните светла е не во браникот.

Кабината е технолошко чудо и тука ги препознаваме влијанијата од големата Серија 7. Закривеното едноделно стакло поставено на конзолата сега е дом за 12.3-инчен дигитален дисплеј за инструментите и голем 14.9-инчен централен дисплеј за мултимедијалниот уред. Со новата Серија 5 дебитира и најновата генерација на BMW iDrive 8.5 оперативниот систем.

Од BMW најавуваат поинтуитивен распоред на функционалостите и се радуваме дека ротирачкиот iDrive контролер не е отстранет. Интересна нова играчка (да, играчка) во кабината на Серијата 5 е AirConsole платформата која овозможува да играте игри (кога сте паркирани, секако) во автомобилот – едноставно го поврзувате вашиот телефон со системот и го користите како контролер, а игрите се прикажуваат на големиот дисплеј, секако.

Кога сме кај технологиите, тука е новиот Highway Assistant систем кој овозможува автономно возење со брзини до 137 километри на час и самиот менува ленти кога возачот ќе погледне во страничниот ретровизор за да потврди маневар кој автомобилот го сугерира. Секако, тука е и неизбежниот систем за автоматско паркирање и многу, многу повеќе…

Е сега, ајде малку за моторите. Серијата 5 и електричниот i5 се развивани истовремено и ја користат истата CLAR платформа на BMW. Електричните предводници доаѓаат во форма на i5 eDrive 40 кој испорачува 313 коњски сили (односно 340 во MyMode Sport) и врвниот i5 M60 xDrive кој има два електромотори благодарение на кои располага со 518 коњски сили и 795 Nm вртежен момент, односно 601 коњска сила и 820 Nm вртежен момент во M Sport Boost или Launch Control режими –  и оваа верзија забрзува до 100 километри на час за само 3.8 секунди! Според WLTP мерењата i5 eDrive 40 може да помине меѓу 497 и 582 километри, додека моќниот i5 M60 може да помине меѓу 455 и 516 километри. Двете верзии користат батерија со капацитет од 81.2 kWh.

Секако, доколку „струја“ не е вашиот избор, тука се верзиите со конвенционални мотори со внатрешно согорување. Купувачите во Европа ќе го добијат 520i кој испорачува 190 коњски сили и 310 Nm вртежен момент како и 520d (достапен со или без xDrive погон на сите четири тркала) кој располага со 197 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Во текот на следната година ќе пристигнат и плаг-ин хибридните 530е и 550е. Помоќните 530i и 540i ќе се нудат само во САД и нема да им бидат понудени на европските купувачи (Бууу!).

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.