Skoda започнува да ги открива новите Superb и Kodiaq – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Skoda започнува да ги открива новите Superb и Kodiaq

Премиерата на новите Superb и Kodiaq се очекува оваа есен, но чешкиот производител веќе започна да ги открива првите детали за новите знаменосци – барем кога станува збор за моделите со мотори со внатрешно согорување.

Тековните Superb и Kodiaq се претставени во 2015 односно 2016 година и во согласност со животните циклуси на автомобилите, време е да бидат заменети. Skoda се подготвува да ги претстави нивните наследници до крајот на оваа година, а новите модели се очекува да пристигнат во салоните во првите неколку месеци од следната година.

Како и досега, Superb ќе се нуди како хечбек и како караван. Секако, хечбекот повеќе наликува на седан, но практичноста на петтата врата е едноставно незаменлива. Секако, тука е и супер-популарниот (секаде освен кај нас) Superb Combi на кој главните атрибути ќе му бидат багажниот простор и севкупната практичност. Новиот Superb ќе се произведува во фабриката во Братислава, Словачка, каде што ќе се произведува и новиот Passat.

Слично е и кај Kodiaq кој ги задржува познатите пропорции и агли, но добива почисти површини и значително помодерни дизајнерски детали. Всушност, ако погледнеме поубаво, забележуваме потенки LED елементи кои влечат инспирација од електричните модели на Skoda. Најавено е дека Kodiaq (најверојатно исто како Superb) ќе добие „целосно редизајниран ентериер“ со нови функционалности и нови технологии. Kodiaq ќе се произведува во фабриката на Skoda во Квасини, во Чешката Република.

Новите Superb и Kodiaq ќе бидат поставени на најновата итерација на MQB платформата на Volkswagen групацијата, која ќе биде еволуција на платформата која се користи кај тековните модели, а чешкиот прозводител веќе потврди дека ќе се вградуваат бензински, дизелски, лајт-хибридни и плаг-ин хибридни погони.

Поврзано:  Пристигна освежената Škoda Octavia!

При најавувањето на новите модели, главниот извршен директор на Skoda – Klaus Zellmer – изјави дека овие модели се камен-темелник на нивната моделска понуда и го опиша Superb како „знаменосец на портфолиото со мотори со внатрешно согорување кој и понатаму ќе поставува стандарди кога станува збор за комфорот и просторот“ а за Kodiaq кажа дека „ќе ги однесе безбедноста, технологиите и мулти-функционалноста на сосем ново ниво“.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.