ПРЕМИЕРА: Новата E-Class е технолошки најнапредниот Mercedes-Benz досега! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новата E-Class е технолошки најнапредниот Mercedes-Benz досега!

Mercedes-Benz верува дека технолошката доминација на новата E-Class ќе биде силниот атрибут со кој и понатаму ќе ги освојува купувачите.

Секако, уште на прв поглед знаеме дека се работи за Mercedes-Benz. Всушност, ако убаво загледаме, препознаваме дизајнерски елементи кои влечат инспирација директно од знаменосецот (S-Class) но и од електричните модели на Mercedes-Benz кои ја носат ознаката EQ. За среќа, E-Class и понатаму е седан, но успева (иако е долг безмалку 5 метри) истовремено да ги истане атлетските пропорции на C-Class и достоинствените, државнички карактеристики на големиот S-Class. Предните светла имаат поедноставена форма и целата маска малку наликува на супер-аеродинамичните EQ модели. Маската ќе биде достапна во три конфигурации.

На задниот дел едноставно доминираат задните светла. Всушност, би рекле дека дизајнерите како да добиле „на задниот дел нека го има нашето лого пет пати“ инструкции – и токму тоа го добиваме. Графиката на задните светлосни елементи е во облик на логото на Mercedes-Benz, па заедно со централно-поставената трокрака ѕвезда токму тоа и го добиваме – логото на Mercedes-Benz, пет пати!

Вистинскиот технолошки чекор од седум милји е во кабината. Пред возачот има независен екран кој како да „изникнува“ од огромниот MBUX панел. Сите верзии на E-Class ќе го добијат овој дисплеј, како и големиот MBUX екран на централната конзола, а дополнително ќе биде достапен уште еден дисплеј поставен пред совозачот.

Всушност, Mercedes-Benz веќе ни ја откри кабината на новата E-Class и нејзиниот огромен MBUX Superscreen како и екосистемот изграден околу сопствениот App Store преку кој корисниците ќе можат да преземаат и инсталираат апликации. Веќе напоменавме и дека на самиот старт ќе бидат достапни TikTok, Angry Birds, Zoom и Webex. TikTok? Да, бидејќи автомобилот ќе има интегрирана селфи видео камера вградена над централната конзола а корисниците ќе можат да ја искористат камерата да направат фотографии или да снимат видео додека автомобилот е паркиран.

Поврзано:   Tјунинг студиото Manhart го изработи моделот V 350

Во однос на погонските единици – сите погони во Европа ќе бидат електрифицирани. Основна верзија ќе биде E200 бензинецот со 204 коњски сили и погон на задните тркала. Mercedes-Benz останува верен и на дизелските мотори, па основниот дизел доаѓа во форма на Е200d кој ќе се нуди со погон на задните или на сите четири тркала.

Бензинецот забрзува до 100 километри за 7.5 секунди, додека на дизелите им требаат 7.6 односно 7.8 секунди и сите верзии доаѓаат со лајт-хибриден погон кој испорачува дополнителни 20 или 23 коњски сили преку интегриран стартер-генератор.

Секако, ќе се нудат и плаг-ин хибридни модели. На самиот почеток тука се E300e и E300e 4Matic кои комбинираат 2-литарски четири цилиндерски турбо-бензинец кој соработува со електромотор кој испорачува дополнителни 129 коњски сили. Овие модели имаат по 313 коњски сили. На самиот врв е E400e Matic кој исто така користи 4-цилиндерски турбо-бензинец, но доработен да испорачува 252 коњски сили и заедно со електромоторот располага со вкупно 381 коњска сила. Сега за сега оваа верзија е најбрзата и забрзува до 100 километри на час за 5.3 секунди.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.