ПРЕМИЕРА: Lamborghini LB744 Revuelto – 12 цилиндри, три електромотори, една батерија, 1015 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Lamborghini LB744 Revuelto – 12 цилиндри, три електромотори, една батерија, 1015 коњски сили!

Lamborghini го претстави наследникот на Aventador кој го задржува врескачкиот 6.5-литарски V12 но го впарува со три електромотори за заедно да испорачаат вкупно 1015 коњски сили!

Revuelto го добива најмоќниот сериски V12 во историјата на Lamborghini, без притоа во приказната да бидат вклучени турбополначи. Новиот 6.5-литарски V12 ја носи ознаката L545 и е директна еволуција на моторот кој се вградуваше во Aventador. Оваа, најнова генерација испорачува 825 коњски сили и 725 Nm вртежен момент, но ги испорачува (преку нов 8-брзински менувач со двојна спојка) само кон задните тркала.

Важен новитет е токму хибридниот систем на Revuelto. Во предниот дел се поставени два електромотори кои испорачуваат по 150 коњски сили, додека менувачот е впарен со уште еден таков мотор. Предните мотори ги задвижуваат предните тркала, додека третиот е наменет дополнително „да влијае“ на задната оска.

Да, Revuelto може да вози само на струја и во тој случај City режимот испорачува 180 коњски сили. Батеријата е мала – со капацитет од само 3.8 kWh и се полни за половина час на полнач со моќност од 7 kW, односно за 6 минути доколку го користите моќниот V12 како генератор.

Но што е со вкупната, системска моќност? Кога сè е „завртено“ до максимум, Revuelto располага со скоро неверојатни 1015 коњски сили. Забрзувањето до 100 километри на час трае само 2.5 секунди, до 200 километри на час помалку од 7 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 350 километри на час. Не е лошо за автомобил кој тежи 1772 килограми.

Активната аеродинамика на Revuelto овозможува да се вози во неколку различни режими – односно возачот ќе може да одбере дали да вози во режим со висока потисна сила, или пак со многу малку отпор на воздухот. Аеро-оптимизираниот долен дел од автомобилот, како и екстремниот заден дифузер придонесуваат кон подобрување на потисната сила за 33% напред, односно дури 74% позади во однос на врвниот Aventador Ultime.

Вистинска, радикална еволуција се случува во кабината. Пред возачот е поставен 12.3-инлен дигитален кластер, додека на централната конзола е поставен 8.4-инчен вертикален дисплеј. Revuelto добива и засебен управувач за кој од Lamborghini кажуваат дека е инспириран од Squadra Corse тркачките автомобили, како и дури 13 различни режими на возење. Примарно тука се Citta (City), Strada, Sport и Corsa режимите, и можностите за различни прилагодувања на секој од нив.

Поврзано:  Lamborghini ги претстави специјалните All-Terrain верзии од веќе-лудиот Huracan Sterrato

Секако, познавајќи ги Lamborghini, можеме да очекуваме и други, поекстремни верзии. Интересно би било доколку Lamborghini одлучи да направи некаква Superleggera верзија која би го исфрлила хибридниот погон и електромоторите и би се концентрирала само на врескачкиот V12 и погон на задните тркала. Интересно, нели?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.