Kia објави повеќе детали за EV9 – врвната верзија ќе има 380 коњски сили, најефикасната ќе поминува 540 километри – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Kia објави повеќе детали за EV9 – врвната верзија ќе има 380 коњски сили, најефикасната ќе поминува 540 километри

Kia неодамна ги објави првите фотографии и детали за новиот голем електричен SUV кој се вика EV9 – но денес ги имаме сите детали околу различните погонски изведби.

EV9 ќе биде достапен со две различни батерии – помалата е со капацитет од 76.1 kWh, но Kia не објавува детали околу автономијата на моделите опремени со оваа батерија. Поголемата е со капацитет од 99.8 kWh (а можеле да заокржужат на 100, нели?) и ќе се комбинира со неколку различни погонски опции.

Long Range верзијата со поголемата батерија и погон на задните тркала ќе може да помине 541 километар според WLTP мерењата. Оваа верзија има само еден електромотор кој ги придвижува задните тркала и кој испорачува 201 коњска сила и 350 Nm вртежен момент. Оваа верзија забрзува до 100 километри на час за 9.4 секунди. Standard верзијата има нијанса помоќен електромотор кој кон задните тркала испорачува 215 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, но забрзува до 100 километри на час за 8.2 секунди. Би очекувале оваа верзија да има нијанса помала автономија.

Најмоќната верзија користи два електромотори кои испорачуваат вкупно 380 коњски сили и моќни 600 Nm вртежен момент и во оваа конфигурација Kia EV9 забрзува до 100 километри на час за рамо 6 секунди. Интересен новитет е Boost опцијата која ќе биде достапна да се купи преку Kia Connect Store апликацијата, која ќе го зголеми вртежниот момент за дополнителни 100 Nm, за вкупно 700 Nm. Сега за сега не е познато дали оваа опција ќе се плаќа само еднаш и ќе биде трајно достапна за користење, или пак ќе биде достапна преку некаква месечна претплата.

Сега за сега, врвната изведба ќе биде достапна во GT-Line варијанта, а претседателот на Kia потврди дека веќе се работи на EV9 GT кој би требало да дебитира во 2025 и очекуваме да има блиску до 500 коњски сили.

Поврзано:  Ова е освежената Kia EV6

 

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.