Спектакуларниот нов Peugeot 408 пристигна во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Спектакуларниот нов Peugeot 408 пристигна во Македонија!

Кога Peugeot за прв пат го покажа новиот 408, кажа дека е нов вид на автомобил – и со задоволство можеме да кажеме дека целосно-новиот 408 од денес е достапен и во Македонија!

Претпремиерно, првите фотографии и детали за Peugeot 408 во Македонија! Ние веќе го познаваме 408 – ја имавме ексклузивната шанса да бидеме меѓу првите во светот кои го возеа на неговата официјална премиера во Шпанија кон крајот на минатата година. Сега, со задоволство можеме да кажеме 408 пристигна и кај нас!

Профилот е несекојдневен и динамичен, со комплексни површини и остри линии, додека задниот дел е низок, со длабоко-интегрирани задни светла и агресивен заден браник кој истовремено симулира и дифузер. Плус, со 408 дебитира и ексклузивната Obsession Blue сина боја, која едноставно изгледа спектакуларно. Ако погледнете поубаво, ќе забележите и интересни „мачкини уши“ поставени на местото на традиционалниот спојлер.

Сепак, дизајнерите се особено горди на предниот дел, за кој кажуваат дека нема традиционална граница меѓу предната маска и предниот браник. Тука ја гледаме најновата интерпретација на дизајнерската филозофија на Peugeot, која веруваме дека токму кај 408 ја доживува својата кулминација.

Новиот 408 ја носи најновата генерација на i-Cockpit на Peugeot. Тука се малиот управувач и дигиталниите инструменти поставени пред возачот. На централната конзола доминира големиот екран за мултимедијалниот уред, додека под него е поставен уште еден наменет за i-Toggles функционалност. Централната конзола е дом за контролите за менувачот, како и селекторот за режимот за возење.

Понудата на мотори ја сочинуваат новите, супер-чисти бензинци и плаг-ин хибриди на Peugeot. Основен мотор е одличниот 1.2-литарски PureTech со 130 коњски сили, а доколку сакате повеќе, тука се плаг-ин хибридите со 180, односно 225 коњски сили. Двата плаг-ин хибриди користат електромотор кој испорачува дополнителни 110 коњски сили кој го комбинираат со 1.6-литарски турбо-бензинец, но кај послабата верзија тој испорачува 150 коњски сили, додека кај помоќната одлични 180 коњски сили. На првото возење во Шпанија ја возевме токму врвната плаг-ин хибридна верзија со 225 коњски сили.

Од Еуроимпекс ни кажаа дека во моментов се финализираат цените за новиот 408 и дека наскоро ценовникот ќе биде комплетиран.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот, голем E-5008!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.