Во салонот на Citroën пристигна новиот C4 X – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Во салонот на Citroën пристигна новиот C4 X

Само неколку месеци по светската премиера, новиот Citroën C4 X пристигна и во Македонија и од денес може да се погледне во салонот на францускиот бренд во Скопје.

Кога за прв пат ни го покажа C4 X во Истанбул минатата година, Citroën кажа дека токму овој автомобил е замислен да ги скрши сегментите и да се наметне како современа алтернатива на SUV моделите. Да ги привлече оние купувачи кои не сакаат SUV, но не сакаат ниту конвенционален седан.

Гледан однапред, C4 X е идентичен со одличниот C4 – вистинските разлики се во задниот дел. Силуетата на C4 X е интересна комбинација меѓу седан и купе, со нагласено купеовски линии и остро-закосен заден дел. Задниот дел добива целосно засебен дизајн со нови LED светлосни елементи и поклопец на багажниот простор со интегриран дискретен спојлер.

Формата има позитивно влијание и на аеродинамиката – C4 X има понизок коефициент на отпор на воздухот (во однос на обичниот C4) од само 0.29. Секако, продолжената форма и редизајнираниот кров позитивно влијаат и на просторната понуда – иако меѓуоскиното растојание е исто, C4 X е цели 260 милиметри подолг од C4, а тоа резултира со одличен простор за патниците на задните седишта, но и импресивно голем багажник со капацитет од 510 литри.

Секако, бидејќи се работи за Citroën – комфорот е на прво место, Затоа C4 X ги добива Citroën Advanced Comfort седиштата со специјална пена, како и Progressive Hydraulic Cushions амортизерите го издигаат комфорот на сосем поинакво ниво.

Покрај целосно-електричната верзија со батерија од 50 kWh и електромотор до 136 коњски сили новиот C4 X можете да го добиете со 1.2-литарски турбо-бензинец со 100 или 130 коњски сили или пак со 1.5-литарски турбодизел со 130 коњски сили. Само основниот бензинец може да се комбинира со мануелен менувач, додека сите други изведби доаѓаат со одличниот 8-брзински менувач на Citroën.

Понудата за C4 X започнува со верзијата со 1.2-литарски турбо-бензинец со 100 коњски сили и мануелен менувач во основното Feel ниво на опрема кој чини 22.390 Евра. 130-коњскиот турбо-бензинец е достапен од второто ниво на опрема и се комбинира со автоматски менувач и чини од 27.690 Евра, додека турбодизелот чини од 29.490 Евра.

Секако, достапен е и целосно-електричниот ë-C4 X кој чини од 43.490 Евра. За повеќе информации околу понудите и цените, посетете го салонот или пак официјалната веб-страница на Citroën.

Ќе ја искористиме шансава да ве информираме дека и плаг-ин хибридната изведба од освежениот C5 Aircross исто така пристигна во Македонија и може да се погледне во салонот на Citroën.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.