Aston Martin го заокружува тековниот DBS со специјалнот 770 Ultimate! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Aston Martin го заокружува тековниот DBS со специјалнот 770 Ultimate!

Ќе бидат произведени 300 примероци од купето и 199 од кабриолетот – и сите се веќе продадени. А тамам сакавме да нарачаме еден!

Специјалниот DBS 770 Ultimate добива дискретни, но сепак интересни визуелни надградби – препознавме поголем преден сплитер и нов поклопец на моторот, како и детали од карбон. Задниот дел добива редизајниран дифузер, но особено се интересни специјалните 21-инчни тркала кои можат да бидат сребрени, црни или сатенски црни со специјална обработка (како на фотографиите). Тркалата се обвиени во Pirelli P Zero пневматици со високи перформанси.

DBS 770 Ultimate добива надградена 5.2-литарски твин-турбо V12 кој сега испорачува (погодувате) 770 коњски сили и 900 Nm вртежен момент – зголемување од 45 коњски сили во однос на DBS Superleggera. Зголемената моќност е добиена благодарение на подобрен систем за дишење, како и зголемен притисок во турбополначот за 7%. Силата се пренесува кон задните тркала преку рекалибриран 8-брзински автоматски менувач и механички диференцијал со ограничено пролизгување.

Дополнително, инженерите на Aston Martin го подобриле управувањето благодарение на нов управувачки лост, а ревидирана е и суспензијата со рекалибрирани амортизери и нов софтвер за адаптивното дампирање. Шасијата е зајакната преку нов преден вкрстен елемент, како и поцврст заден заштитен панел. DBS 770 Ultimate добива и карбон-керамички сопирачки со дијаметар од 410 милиметри на предните тркала, односно 360 милиметри на задните тркала.

Производството ќе започне во првата четвртина од оваа година и како што рековме – сите примероци се веќе распродадени.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.