Mercedes-Benz подготви освежување за CLA и CLA Shooting Brake – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mercedes-Benz подготви освежување за CLA и CLA Shooting Brake

Mercedes-Benz подготви дискретно освежување за CLA и CLA Shooting Brake – компактните модели добиваат визуелни и технолошки надградби, како и уште помодерни погонски единици.

Ревидираниот дизајн воглавно се задржува на LED предните светла кои сега се дел од стандардната опрема, ревидирани маски на ладилникот и уште неколку други дискретни измени. На задниот дел забележуваме редизајниран дифузер, а достапни се и неколку нови бои – меѓу кои се и прекрасните Hyper Blue и Starling Blue.

Од Mercedes-Benz гордо напоменуваат дека во кабината се користат уште повеќе рециклирани материјали, а во зависност од опременоста ќе добиете еден 7 инчен и еден 10.25 инчен, или два 10.25 инчни екрани наменети за возачот и инфозабавниот систем. Дополнително, можете да нарачате и Dolby Atmos аудио пакет за врвниот Burmester аудио уред.

Во однос на погонските единици – сега сите бензинци се електрифицирани и стандардно ќе се комбинираат со 7 или 8-брзински автоматски менувач. Погонската понуда и понатаму е прилично голема – тука се плаг-ин хибридните модели кои ја носат ознаката 250е и сега имаат по 218 коњски сили и 450 Nm вртежен момент и можат да поминат до околу 80 километри на електрична енергија.

Бензинската понуда ја сочинуваат моделите кои ги носат ознаките 180, 200, 220 и 250 и имаат по 136, 163, 190 и 224 коњски сили. Првите две варијанти користат 1.3-литарски турбо-бензинец, додека двете помоќни изведби користат 2-литарски турбо-бензинец и имаат и погон на сите четири тркала. Дизелите се во форма на CLA 180, 200 и 220d и сите користат 2-литарски мотор со четири цилиндри кој испорачува 116, 150 односно 190 коњски сили.

Поврзано:   Пристигна новиот Mercedes-AMG GT Coupe!

На самиот врв се Mercedes-AMG моделите со ознаките 35 односно 45. Mercedes-AMG CLA 35 користи 2-литарски турбо-бензинец кој кон сите четири тркала испорачува 306 коњски сили, додека најмоќниот во понудата – Mercedes-AMG CLA 45 кон сите четири тркала испорачува моќни 421 коњска сила и забрзува до 100 километри на час за импресивни 4.1 секунда!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.