Електричниот Abarth 500e ветува многу забава зад управувачот, како и лансирање „до стотка“ за само 7 секунди!
Abarth го претстави својот прв целосно-електричен модел, кој (верувале или не) е базиран на одличниот нов Fiat 500e, но со цела гама на спортски доработки и додатоци.
На самиот старт, забележуваме спортски бодикит со подлабоки браници, странични прагови и нагласен заден спојлер. Но доработките не завршуваат таму – инженерите на Abarth посветиле многу внимание на шасијата за малиот електричен хечбек да има подобро и подинамично управување. Плус, зеленава Acid Green боја изгледа спектакуларно!
Секако, поработено е и на перформансите. Abarth 500e има 37 коњски сили повеќе од „обичниот“ 500е – а тоа значи вкупно 155 коњски сили и 235 Nm од електромоторот кој го задвижува малиот хечбек. Тоа е доволно за лансирање до 100 километри на час за рамно 7 секунди – цели 2 секунди побрзо од обичниот 500е.
Интересно, инженерите на Abarth поработеле и на Sound Generator кој е дел од пакетот, кој би требало да овозможи електричниот Abarth 500 да добие динамичен и емотивен звучен потпис. Ќе причекаме да слушнеме како звучи. Инаку, Abarth 500e ќе може да се добие како хечбек или како кабриолет, а најавена е специјална Scorpionissima изведба која ќе биде произведена во само 1949 примероци, во чест на годината кога е основана компанијата. Оваа специјална изведба ќе биде достапна само во Acid Green или Poison Blue бои и ќе добие 18-инчни тркала, стаклен кров, алкантара во кабината, специјални детали и специјални педали.
Од Abarth најавуваат дека 500е иницијално ќе се понуди во Европа, но дека во иднина се планира да се понуди и на други пазари каде ќе биде препознаен интерес за електричниот хечбек.