Новиот Mercedes-Benz GLC пристигна во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот Mercedes-Benz GLC пристигна во Македонија!

Со повеќе од 2 милиони продадени примероци, GLC е еден од најпродаваните модели на Mercedes-Benz на глобалниот пазар – а од денес, новата генерација на луксузниот SUV е достапна и во Македонија.

Инженерите и дизајнерите на Mercedes-Benz не се воздржувале кога работеле на новиот SUV. Дизајнот е интерпретација на тековниот дизајнерски јазик на Mercedes-Benz, но со посебен акцент на широчината на новиот SUV, како и подобрувања во аеродинамиката – новиот GLC има коефициент на отпор на воздухот од 0.29, подобрување од 0.31 кај минатата генерација.

Внатрешната ознака на новиот GLC е X254, а може да се комбинира со четири-цилиндерски турбо-бензински и турбодизел мотори – кои секако се електрифицирани. Понудата на бензинци започнува со GLC200 и GLC300 кои користат лајт-хибриден M254 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 204 односно 258 коњски сили, а дополнително добиваат уште 23 коњски сили и 200 Nm од интегрираниот стартер-мотор.

Скалило над нив се плаг-ин хибридните GLC300e и GLC400e кои го користат истиот 2-литарски турбо-бензинец, но соработуваат со електромотор кој испорачува дополнителни 136 коњски сили, за вкупно 308, односно 375 коњски сили. Интересна е одлуката на Mercedes-Benz да понуди и плаг-ин хибриден турбодизел во форма на GLC300de 4Matic кој комбинира 2-литарски турбодизел кој испорачува 200 коњски сили, а заедно со електромоторот има на располагање системски 335 коњски сили и 750 Nm вртежен момент.

Сите плаг-ин хибридни верзии можат да поминат повеќе од 100 километри на електрична енергија – бензинците од 104 до 120 километри, а дизелот од 102 до 117 километри со полни батерии. За фановите на конвенционалниот дизел, тука е GLC220d со 197 коњски сили и 440 Nm вртежен момент.

Кабината е темелно базирана на онаа кај новата C-Class и го добива најновиот MBUX мултимедијален интерфејс на Mercedes-Benz. Пред возачот е поставен 12.3-инчен дигитален дисплеј, додека на централната конзола е вертикално-поставен 11.9-инчен мултимедијален уред. Секако, тука е и неизбежниот мултифункционален управувач, а од Mercedes-Benz нагласуваат дека се бидат достапни и интересни пакети за доопремување на луксузниот SUV.

Новиот GLC веќе можете да го погледнете во салонот на Мак Аутостар.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.