Porsche искачи специјален 911 на највисокиот вулкан на планетата! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Porsche искачи специјален 911 на највисокиот вулкан на планетата!

Јавна тајна е дека Porsche подготвува несекојдневна „теренска“ изведба на 911 – и во таа насока искачи два автомобили кои ја носат ознаката Special Experimental Projects на Ojos del Salado во Чиле – највисокиот вулкан на планетата земја!

Специјално-подготвените примероци на 911 се искачија на вртоглави 6007 метри надморска височина а тимот го предводеше Romain Dumas – возач кој во своето портфолио има победа на Le Mans и поставен рекорд на Pikes Peak. Но зошто Ojos del Salado во Чиле? Затоа што локацијата е една од најтешките за совладување а подвигот завршил во оној момент кога „ѕидови од снег и мраз го оневозможија понатамошното искачување на вулканот“.

„Изгледа единствените машини кои се повисоко некаде од нас денес се авиони“ – изјави Dumas. Дополнително, додаде дека „за тимот и за автомобилот сето ова беше за да научиме нешто повеќе. Од самиот старт автомобилот беше издржлив и подвижен, а ние навистина ги истраживме неговите лимити“.

Инаку, Special Experimental Projects автомобилите се базирани на 911 Carrera 4S. Моторот нема претрпени никакви измени па и понатаму испорачува 450 коњски сили. Системот за ладење е преместен погоре за да биде заштитен при теренско возење, а кабината добива заштитен кафез, карбонски седишта и специјални безбедносни појаси. Вистинските измени се во подвозјето – специјални оски му даваат на автомобилот импресивни 350 милиметри оддалеченост од подлогата, а пониски степени на пренос овозможуваат подобра контрола при ниски брзини. Дополнително, долниот дел од автомобилот е заштитен со специјален заштитен панел изработен од супер-лесен Aramid.

Можеби најинтересен е новиот уред кој се вика Porsche Warp-Connector. Името звучи како да е од Star Trek, но всушност овој формира механичка врска меѓу сите четири тркала за цело време да бидат „под оптеретување“, дури и кога шасијата се справува со навистина екстремни теренски предизвици. Секако, тука се и системите за заклучување на диференцијалите, а целата трансформација кулминира со огромни теренски тркала кои се широки дури 310 милиметри!

Поврзано:   Официјално ги доделивме наградите Златно Тркало за 2024

Секако, конструирањето ваков автомобил е вистински предизвик. Michael Rösler кој е одговорен за 911 моделската линија во Porsche изјави дека „беше магично да се изгради 911 каков што светот досега нема видено. 911 веќе е докажан на тркачките патеки и на улиците, а со овој проект го насочуваме фокусот кон местата каде нема патишта. Тестирањето на нашите теории значи да се најдат најтешките услови и да се види дали таму ќе работат – и на највисокиот вулкан на светот, успеавме.“

Истовремено, ова оди рака под рака со „јавната тајна“ дека Porsche подготвува специјален 911 Dakar (или 911 Safari) кој влече инспирација од тркачките Safari модели од 70-тите години кои се натпреваруваа на различни рели трки ширум светот. Дали и колку овие експериментални возила ќе влијаат на развојот на рели 911 останува да видиме. Но како што вели поговорката – каде има чад, има и оган…



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.