Toyota подготви GR Sport пакет и за Rav4 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Toyota подготви GR Sport пакет и за Rav4

Toyota подготви GR Sport пакет и за хибридниот SUV кој вклучува и подобрена суспензија развиена од експертите од Toyota Gazoo Racing.

Јапонскиот бренд и понатаму ја зголемува понудата на GR Sport изведби, а најновиот модел кој го добива овој третман е токму големиот Rav4. GR Sport изведбата на Rav 4 ќе ја препознаете преку специјалните 19-инчни тркала, црните детали околу целиот автомобил и специјалните GR Sport ознаки.

Црните детали му даваат навистина интересен лик на хибридниот SUV – црни се отворите за воздух на предниот браник, заштитните панели на крилата, страничните прагови и декоративниот елемент на петтата врата. Дополнително, црни се и страничните ретровизори и кровот.

Кабината добива спортски седишта обвиени во специјални материјали, а забележуваме и GR Sport значка на управувачот. Но сепак, ако се прашуваме, најважната измена е новата суспензија развиена од инженерите на Gazoo Racing. Големиот SUV добива поцврсти пружини и амортизери, кои би требало да го направат управувањето значително подиректно.

Инаку, Rav4 GR Sport може да се добие со самополнечкиот хибриден погон со 222 коњски сили, или пак плаг-ин хибридниот погон со одлични 306 коњски сили.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.