Новиот 911 Carrera T е замислен да биде вистинска возачка машина – полесен, позабавен и со мануелен менувач!
По успехот на 911 Carrera T од минатата генерација, Porsche ја претстави најновата „Т-верзија“ во својата понуда. Формулата за 911 Carrera T е интересна – оваа изведба е замислена да биде некаде меѓу „основниот“ 911 Carrera и нијанса помоќниот 911 Carrera S, но да го постигне тоа на интересен начин.
А како? Па, приказната започнува со 3-литарскиот твин-турбо боксер со шест цилиндри од 911 Carrera кој испорачува 385 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Овој мотор се комбинира со мануелен менувач а силата се испорачува кон задните тркала.
Дополнително, тежината е намалена за не-баш-незначителни 35 килограми благодарение на отстранети задни седишта, намалена звучна изолација и замена на PDK автоматскиот менувач со 7-брзински мануелен. Тоа значи дека 911 Carrera T тежи 1470 килограми и ако ги исклучиме GT3 и GT3 RS, ова е еден од најлесните изведби на 911.
Резултат на сето ова? 100 километри на час за 4.5 секунди и максимални 291 километар на час. Нарачајте го 911 Carrera T со мануелен менувач (но навистина, немојте) и забрзувањето до 100 километри на час трае само 3.8 секунди.
Но тоа не е сè! Со 911 Carrera T ќе добиете PASM суспензија која е пониска за дополнителни 10 милиметри, но и Sport Chrono пакет, спортски издувен систем, како и диференцијал со ограничено пролизгување и Porsche Torque Vectoring. 911 Carrera T моделите добиваат специјални детали во сива боја, како и сиви Carrera S тркала од 20 инчи на предните тркала односно 21 инч на задните. Кабината добива GT Sport управувач, надградени спортски седишта и грст специјални детали.
Дали 911 Carrera T ни е новиот омилен модел во понудата? Можеби, можеби…