Пред повеќе од 100 години, Чарлс Ролс, еден од основачите на Rolls-Royce кажал дека „електричниот автомобил е совршено безбучен и чист, нема никаков мирис ниту вибрации, и ќе бидат навистина корисни кога станиците за полнење ќе бидат достапни.“
Пророштво? Можеби, но вистината е дека уште пред повеќе од 100 години биле познати предностите на електричните автомобили – предности кои стануваат сè позначајни кога со вашите автомобили го нудите врвното луксузно автомобилско искуство.
Запознајте го Spectre. Spectre е првиот електричен Rolls-Royce и започнува ново поглавје во историјата на брендот. Основата на овој автомобил е алуминиумски спејсфрем во кој батеријата има структурен дел – што пак го прави Spectre да биде 30% поцврст од било кој Rolls-Royce досега. Намеме информации колкава е батеријата, но познавачите сугерираат дека е поголема од 100 kWh, а веќе знаеме дека тежи околу 700 килограми. Целиот автомобил? Безмалку 3 тони!
Дополнително, знаеме дека погонот испорачува 585 коњски сили и 900 Nm вртежен момент – сосем доволно за големото електрично купе да забрза до 100 километри на час за само 4.5 секунди.
Дизајнерски, Spectre истовремено прави чекор нанапред со едната нога, но со другата цврсто гази во наследството на британскиот бренд. Предната маска е пониска (и истовремено најшироката некогаш вградена во Rolls-Royce) а „столбовите“ во неа се закосени. Околу неа се поставени светлата – горе има тенки LED дневни светла, додека под нив се поставени LED светлосните елементи. На задниот дел вниманието оди кон дискретно-исфрлените задни светлосни елементи, а околу целиот автомобил доминираат чисти површини и јасни линии.
Во кабината препознаваме детали кои веќе ги знаеме од другите модели на Rolls Royce, а сè е врвно изработено. Новитет кој се воведува кај Spectre е дополнителниот дисплеј поставен пред совозачот, но Spectre ги задржува конвенционалните, физички контроли за многу од системите.
Сè на сè, Spectre е одличен вовед на Rolls-Royce во електричните автомобили. Беспрекорната рафинираност и целосната бесшумност на електричните автомобили се одлични придобивки од логичниот следен чекор на супер-луксузниот бренд.