Mercedes-Benz подготви супер-дискретно освежување за А-класата – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mercedes-Benz подготви супер-дискретно освежување за А-класата

Mercedes-Benz подготви освежување за најмалиот модел во својата понуда.

Измените на екстериерот се дискретни – забележуваме нова предна маска на ладилникот со ѕвездеста шема, нови предни светла кои можат да бидат со LED технологија, нови дизајни на тркалата и редизајниран заден дифузер кој би требало за нијанса да ја подобри аеродинамиката.

Кабината добива нов 7-инчен дигитален дисплеј пред возачот како и нов 10.25-инчен мултимедијален уред. Доколку доплатите можете да добиете 10.25-инчен дисплеј и за инструментите наместо стандардниот. Забележуваме и нов управувач како и „зачистена“ централна конзола од која е тргнат кружниот контролер за MBUX системот.

Кога сме кај MBUX системот, од Mercedes-Benz напоменуваат дека е најнапреден досега и вклучува сензор за отпечаток од прсти, дополнителен USB-C приклучок и надграден систем за препознавање гласовни команди. Дополнително, надграден е системот за асистенција при паркирање.

Технолошките освежувања не завршуваат таму – сите бензински модели (освен AMG-изведбите) добиваат 48-волтен лајт-хибриден систем со модерен стартер-генератор. Понудата на погони и понатаму е навистина широка – тука се бензинсите A180, A200, А220 и А250 (како и хибридниот А250 е), како и дизелските A180d, A200d и А220d.

Секако, на врвот на понудата и натаму се Mercedes-AMG A 35 и Mercedes-AMG A45 S изведбите кои располагаат со 306, односно 421 коњска сила. Двете верзии доаѓаат со 4Matic погон на сите четири тркала, а новитет е A45 S Street Style Edition која доаѓа во Mountain Grey Magno сива боја со флуоресцентни портокалови детали, 19-инчни тркала и уште грст други додатоци.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.