Веќе подолго време се шпекулира дека Bugatti ќе воведе втор паралелен модел во својата понуда, кој би се продавал покрај Chiron – но официјални претставници од Молсхајм кажуваат дека SUV нема да има во следните 10 години.
Во неодамнешно интервју за Autocar, директорот за дизајн на Bugatti – Achim Anscheidt – изјави дека ако Bugatti воведе втор, подостапен модел кој би бил ориентиран кон зголемување на бројките, тој модел би морал да го задржи етосот на правење специјални, ексклузивни автомобили кој го наметна Ettore Bugatti, основачот на супер-ексклузивниот бренд.
„Секогаш сме размислувале како би можела да изгледа втора моделска линија. Но истовремено, размислуваме и се прашувавме дали така би почнале да го распродаваме брендот. Што ќе правиме со нашето скапоцено лого? Дали ваков чекор би бил пребрутален, ако го продадеме логото само за да постигнеме некакви бројки.“
Сепак, тој додава дека не е против развој на покорисно Bugatti, но сепак би требало да се достигне некаков баланс – а тоа најверојатно би се постигнало преку правење на знаменосецот уште поредок и поексклуизвен.
„Ако некој ден воведеме втор, секојдневен модел, тогаш ќе треба да го избалансираме тоа. Да не ги заборавиме корените на компанијата, ниту пак да пропуштиме да направиме нешто уште поексклузивно. Ако одиме кон малку поголеми бројки, тогаш од другата страна треба да бидеме уште поексклузивни, за јадрениот продукт да го избалансира ова.“ – изјави тој.
Со оглед на тоа дека Bugatti веќе распродаде сè што планира да произведе во наредните неколку години, а наследникот на Chiron ќе тргне по патот на електрификацијата (што е и очекувано, со оглед на улогата на Rimac во приказната), воопшто не би биле изненадени покрај овој супер-луксузен, супер-ексклузивен модел да видиме уште еден модел кој би требало да биде „Bugatti за секој ден“.