Dacia го претстави неочекуваниот Manifesto концепт – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Dacia го претстави неочекуваниот Manifesto концепт

Сосем неочекувано, Dacia го претстави концептот Manifesto – концепт кој е целосно некарактеристичен за романскиот бренд.

Dacia излегува од својата комфор-зона, а директен пример за тоа е токму новиот концепт кој се вика Manifesto. Невообичаениот (и неочекуван) концептен автомобил нема да оди во сериско производство, но од Dacia кажуваат дека Manifesto ја истакнува намерата на брендот да испорачува примамливи автомобили за луѓе кои уживаат во надворешните спортови.

Концептот е навистина интересен – нема врати ниту прозорци, ниту пак ветробранско стакло. Дури има и само еден преден светлосен елемент. Исфрлен е и инфозабавниот систем, а за таа намена се користи мобилен телефон.

Кабината на Manifesto е лесна за чистење, а навлаките на седиштата се вадат и се трансформираат во вреќи за спиење. Кровот има модуларни панели кои можат да се отстранат, а батерискиот модул на Manifesto може да се користи како извор на енергија за напојување надворешни уреди. Дури и предниот фар може да се извади и да се користи како батериска ламба.

Инаку, каросеријата е изработена од рециклирана пластика, а во ентериерот за некои елементи е користена плута. Концептот користи и пневматици без воздух, а теренските пневматици и оддалеченоста од подлогата му овозможуваат на Manifesto да помине преку секаков терен.

За жал, овој тотално cyberpunk концепт нема да оди во сериско производство и навистина ни е жал за тоа. Ова е најинтересниот концепт во изминатиов период.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.