Opel ќе ја пензионира ознаката OPC и на нејзиното место ќе ја воведе значката GSe – која ќе се користи за спортските модели на брендот.
Во минатото ознаката GSE значеше Grand Sport Einspritzung, односно Grand Sport Injection. Сега, со воскреснувањето на ознаката GSe, таа ќе значи Grand Sport Electric.
Од Opel кажуваат дека GSe всушност ќе биде електрифициран под-бренд, поставен на самиот врв на понудата на Opel. Оваа ознака ќе се користи за „динамични автомобили кои се забавни за возење“, а тоа ќе го постигнат преку специјано нагодување на шасијата и суспензијата, како и екстензивно тестирање и калибрирање на сите системи. Немаме никакви официјални информации, но според терминологијата која ја користи Opel во официјалната објава можеме да очекуваме плаг-ин хибридни и електрични возила кои би ја носеле оваа ознака.
Кои модели први ќе го добијат GSe третманот? Сега за сега можеме само да шпекулираме, но би претпоставиле дека првиот GSe автомобил ќе биде токму новата Astra, која веќе има плаг-ин хибридна верзија, но со 180 коњски сили. Тоа остава простор да се понуди погонот со 225 коњски сили кој Opel веќе го има во своето портфолио, а тука е и Hybrid4 погонот со 300 коњски сили и погон на сите четири тркала. Плаг-ин хибридна Astra со 300 коњски сили, погон на сите четири тркала и катапултирање до 100 километри на час за околу 5 секунди? Звучи примамливо…